Во светот постојат неколку познати легенди за проклетства, а меѓу нив се и проклетствата со претседателите на САД или познатото проклетство на 27. Никој не знае дали има вистина во овие клетви, но низ годините трагичните настани поврзани со нив придонесоа луѓето да се запрашаат дали проклетствата навистина постојат.
Џејмс Дин и проклетството за автомобилот „Малото копиле“
На 30 септември 1955 година, Џејмс Дин загина во сообраќајна несреќа кога неговото сребрено „порше 550“ наречено „Малото копиле“ се судри со друго возило.
Џејмс Дин е познатиот американски актер од педесеттите години. Неговиот најпознат филм е „Бунтовник без причина“. Џејмс го нарекол возилото „Малото копиле“, иако актерот Алек Гинис му рекол дека „поршето“ му изгледа застрашувачки и му претскажал дека ќе дојде до смрт една недела по купувањето. На крајот, Џејмс навистина загинал по точно седум дена подоцна. Уште пострашно е фактот што по несреќата резервните делови на автомобилот биле продадени и им донеле несреќа на новите сопственици. Гумите на „Малото копиле“, монтирани на нов автомобил, пукнале практично истовремено наскоро по купувањето, а возилото излетало од патот. Макхенри и Вилијам Ешрид се удрија за време на автомобилско натпреварување, користејки делови од морничавото „порше“.
Проклетството за гробот на Тутанкамон
Во 1922 година, англискиот истражувач Хауард Картер ја водеше експедицијата во Египет при која беше откриена гробницата на египетскиот крал Тутанкамон и богатството со кое бил погребан. По отворањето на гробот, следувале многу непријатни настани поврзани со животите на луѓето вклучени во експедицијата. Некои веруваат дека постоел натпис со забрана за влегување во гробницата. Иако повеќето луѓе поврзани со откривањето веднаш потоа починале, Картер успеал да ја избегне клетвата.
Новинарот Филип Вандерберг со години ја проучувал легендата за проклетството, а во јавноста излегол со тврдењето дека гробниците во пирамидите се совршена подлога за бактерии кои со текот на времето можат да развијат нови и непознати форми, укажувајќи дека Египќаните биле експерти за отрови кои можат да бидат смртоносни дури и ако навлезат во кожата.
Клубот на 27
Ова е клуб во кој спаѓаат рок-легендите починати на 27-годишна возраст. Може да се каже дека дваесет и седмата година од животот може да биде прилично незгодна за музичарите, а дали станува збор за поп-феномен, клетва или случајна коинциденција останува времето да покаже.
Меѓу многуте музичари кои не го доживеаја 28. роденден се Роберт Џонсон, Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон, Курт Кобејн, Дејв Александер и Ејми Вајнхаус.
Трагичната комбинација на слава, пороци и депресија се само дел од претпоставките за трагичната смрт на овие млади музичари.
Проклетството на Супермен
Постојат шпекулации дека креаторите на ликот „Супермен“ Џери Сигел и Џо Шустер го проколнале, бидејќи биле измамени од компанија „Комикс“ и не добиле ниту денар за својот труд.
Актерот што го одигра Супермен во истоимениот серијал, Џорџ Ривс, заврши со самоубиство, а друг актер – Кристофер Ривс, кој ја одигра улогата во подоцнежните филмови, падна од коњ при јавање, и како резултат на тоа остана во инвалидска количка цели девет години. Во 2004 година почина од запирање на срцето.
Проклетството на дијамантот Хоуп
Дијамантот „хоуп“ е можеби најпознатиот дијамант во светот. Бил украден од челото на статуата-идол во ХVІІ век. Свештениците на храмот фрлиле проклетство врз каменот, што веќе неколку века не ја губи својата сила. Веднаш по кражбата дијамантот бил продаден на француски трговец кој наскоро бил растргнат од бесни кучиња во Константинопол. Пред смртта, трговецот успеал да го подари каменот на францускиот крал Лудовик ХІV, кој воопшто не се сомневал каква страшна моќ има скапоцениот предмет.
Принцезата Де Ламбе постојано го носела дијамантот и била убиена за време на Големата француска револуција. Трагична била судбината и на кралскиот министер за финансии, кој го наследил подоцна каменот – умрел во затвор. Сите што допреле до овој дијамант го завршиле својот живот под чудни околности, меѓу кои и самоубиства. Научниците, сепак, негираат дека дијамантот „хоуп“ носи несреќа и сметаат дека овие приказни се измислени за реклама на каменот со цел да се зголеми неговата цена. Но, сепак, кој би сакал да поседува проколнат дијамант?
Клетвата на „Жилет“
Познатиот произведувач на производи за бричење се покажа како баксузен за спортистите што го промовираа. Станува збор за Тиери Хенри, Тајгер Вудс и Роџер Федерер, чија спортска кариера претрпе сериозен неуспех од проклетството поврзано со „Жилет“.
Во ноември, 2009 година, фудбалската ѕвезда Хенри беше обвинет за мамење за време на Светскиот куп, истиот месец Вудс го повреди коленото, а непобедениот Федерер беше поразен. И Дејвид Бекам е поврзан со проклетството на компанијата дури и откако ја прекина соработката со нив.
Проклетството на Туран
Ако верувате во клетви, тогаш треба да се надевате дека вашето семејство не потекнува од Унгарија. Од оваа земја потекнува проклетството на Туран, според која жителите на Унгарија со векови се проколнати. Легендата потекнува од времето кога кралот Стефан наредил луѓето да се преобратат во христијани. Сепак, сите луѓе не се согласиле со одлуката, а меѓу нив бил и еден шаман, кој верувал дека има натприродни моќи, бидејќи бил роден со шест прсти на едната рака. Во својот протест, тој ги проколнал луѓето со 1000-годишна клетва.
Во Унгарија има голем број самоубиства, а во текот на 20 век, земјата беше соочена со најголем степен на самоубиства во светот. Но, веќе се поминати 1000 години од клетвата, така што се верува дека таа е завршена.
Распутин и Романови
Распутин бил во блиски односи со кралското семејство во Русија. Му раскажувал приказни на принцот Алексеј кој страдал од хемофилија. При секоја криза во здравјето на престонаследникот, Распутин успевал истата да ја уништи, а кралицата Александра верувала дека Бог зборувал преку Рапутин.
Сепак, неговата моќ и не била толку голема, бидејќи неколку членови од семејството решиле да го убијат. Но, тој некако успевал да ја избегне смртта. Наводно, испил отров, паднал по скали и во него било пукано неколкупати пред конечно да биде мртов. Пред да почине, изрекол клетва за владетелите на Русија сите да изумрат за една година.
Семејството Романови беше брутално убиено во масовна егзекуција по една година од неговата смрт.
Проклетството на претседателите на САД
Според легендата, секој претседател избран на секоја 20 година умира. Се зборува дека поглавицата Текумеш фрлил клетва кога трупите на Вилијам Хенри Харисон ги поразил Индијанците.
Вилијам Хенри Харисон бил избран за претседател во 1840 година, за време на инаугурацијата се разболел и починал од пневмонија на 4 април 1841 година во својата канцеларија. Абрахам Линколн бил избран за претседател во 1860 година и повторно избран четири години подоцна. Линколн беше убиен во април, 1865. Џејмс Гарфилд беше избран во 1880 година, а во 1881 беше пукано во него. Вилијам Мекинли беше избран за претседател во 1896 и повторно избран во 1900 година, додека беше убиен во 1901 година. Во 1920 за претседател беше избран Ворен Г. Хардинг, но тој ненадејно почина од срцев удар. Во 1940 Френклин Рузвелт повторно беше одбран за претседател, како и во 1944 година, но во 1945 година почина од удар.
Џон Ф. Кенеди беше одбран за претседател во 1960 година, а три години подоцна убиен во Далас.
Во 1980 година, Доналд Реган беше одбран за претседател, но го преживеа атентатот во 1981 година. Можеби успеа да ја разбие клетвата.
Проклетството на семејството Кенеди
Доколку членовите на ова семејство не се бавеа со политика или воздухопловство, ќе ја избегнеа големата трагедија и нивните животи ќе се одвиваа во поинаква насока. Но, бројот на трагедии во ова семејство навистина е голем.
Братот и сестрата на Џон Ф.Кенеди загинаа во одделни авионски компании во 1944 и 1948 година. Џон Ф. Кенеди беше 35. претседател и беше убиен на 46-годишна возраст во 1963 година. Роберт Кенеди, помладиот брат на Џон, беше убиен во 1968 година. Сенаторот Тед Кенеди преживеа авионска несреќа во 1964, а во 1969 година предизвика сообраќајна несреќа во која загина совозачот.
Во 1984 година, синот на Роберт Кенеди, Дејвид почина од предозираност, а другиот син Мајкл почина при несреќа за време на скијање во 1997 година.
Во 1999 година, синот на Џон Кенеди, сопругата и нејзината сестра загинаа во авионска несреќа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.