Безволност, премаленост и потиштеност се само некои од симптомите на кои се жалат луѓето во зима.
Лошото расположение еднакво ги мачите и младите и старите, па неретко се поставува прашањето поради што сме депресивни и имаме потреба да јадеме повеќе во овој дел од годината. Одговорот е едноставен: недостигот на сончева светлина предизвикува опаѓање на серотонин – хормонот на задоволство, што доведува до потиштеност, слаба депресија и засилена потреба за храна. Затоа е добро во овој период да додадеме намирници што го подобруваат расположението – тиква, компир, интегрални житарки, грашок, лешници, банани, морска риба, црно чоколадо.
Организмот во студените денови троши повеќе калории за да ја одржи топлината на телото, па потребата за храна станува поинтензивна. Воедно, многу луѓе во овој период немаат волја да излезат од дома поради лошото време и единствено движење им е патот од дома до работа. Токму таа неактивност и уживањето во традиционалните зимски специјалитети предизвикуваат натрупување на килограмите кои тешко се симнуваат напролет. Посебен проблем е тоа што зимата е сезона на настинки и грип, па важно е да го зајакнувате имунитетот за да бидете отпорни на вирусите. Затоа треба да консумирате намирници богати со витамин Ц, а треба да знаете и дека урамнотежената исхрана помага во одржувањето на енергијата и го зајакнува имунитетот. Правилниот избор на намирници значително влијае во превенцијата на респираторни инфекции и на премаленост на организмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.