Со скопската премиера на претставата „Ајнштајновите соништа“ во режија на Слободан Унковски, в среда ќе биде отворено Кино Култура – Центар за современи изведувачки уметности и современа култура. Како најава за отворањето на просторот, утре концерт ќе одржи групата „Фолтин“.
Кино Култура е проект чии основачи се Театарот на Навигаторот Цветко и Локомотива -Центар за нови иницијативи во уметноста и во културата, заедно со неколку партнери и организации со цел следните пет години да се воспостави урбан простор за современи изведувачки уметности. Партнер во проектот е општина Центар.
Уметничкиот директор на Театар на Навигаторот Цветко, Слободан Унковски, на денешната прес-конференција информира дека за 24 декември е предвидена реприза на претставата „Ајнштајновите соништа“, а на 25 декември ќе се прикаже претставата „Солун, град на духови“ по текст на Русомир Богдановски, а во негова режија.
Биљана Тануровска-Ќулавковски од „Локомотива“ нагласи дека овој простор ќе го прошират. Просторот, како што рече, е реновиран, ќе може да се играат претстави, но ќе следуваат и други делови за реновирање или оспособување.
– Наш фокус ќе биде театарот и другите изведувачки уметности, но и пошироко за современата култура и уметност – рече Тануровска – Ќулафковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.