| четврток, 6 декември 2018 |

На Свети Никола во црква носете плишани мечиња наместо масло

Pimen-vladika-4

Денешното чествување на Свети Никола во храмовите на МПЦ ќе покаже колку една Фејсбук иницијатива на митрополитот г. Пимен, која наиде на широко одобрување, може да се претвори и реално во една хумана акција на Црквата. По повод празникот Свети Никола (зимски) кој го празнуваме денес, митрополиот европски, господин Пимен, предложи иницијатива верниците што ќе ги посетат црквите за тој празник да донесат плишани (кадифени) мечиња и други играчки, кои потоа за Нова година би им се подариле на децата во детските домови (за сираци) и во специјалните училишта (за инвалиди). Знаеме дека верниците при посетата на црквите обично ставаат пари на иконите, носат масло за кандилата и “разни дрангулии#, но овој пат имаме конкретна иницијатива, што веќе почна да се реализира.

Владиката Пимен во интервју за Прес24, вели дека не очекувал толкав одек на идејата, наместо дарови за црквата, верниците за Свети Никола да донесат по едно плишано мече, кои потоа би биле подарени на најмалите.

Виртуелно има многу луѓе кои со својот лајк или споделување ја поздравија иницијативата, ќе видиме дали бројот на мечиња ќе биде ист со бројот на лајкови, вели г. Пимен во интервјуто за Прес24.

Иницијативата е врзана само со овој празник и владиката смета дека таа нема да се одрази негативно врз функционирањето на Црквата.

Идејата е дарување еден ден на различен дар, така да нема опасност да останеме без зејтин како црква. Зејтин имало и ќе има, акциите на милосрдие се поретки, вели Митрополитот на МПЦ. Дарувањата на црквата имаа своја важна улога во нејзиното функционирање. Но, не секогаш тие дарови се најважни. Предметите и производите што верниците ги оставаат во црквите се добредојдени и тие треба да продолжат и понатаму, но Црквата треба да покренува и практикува и вакви хумани иницијативи, смета Отец Пимен.

Низ времињата кога парите и не биле во некој значаен обрт, кога повеќе функционирала компензацијата, луѓето во црквата дарувале она што произведувале. Така ја имаме традицијата на дарување јагниња, на пример. Зејтинот се носи со намера да се дотура во кандилата, но кога ќе се собере повеќе отколку што може да изгори во кандилата тој се донира во народните кујни, или на лицитација се продава со сите останати предмети што се дарувани во црква. Буџетот кој го остваруваат црквите потоа е за покривањето на основните давачки на храмовите, за плаќање придонеси на свештенството, за градење нови цркви, за помагање онаму каде што има потреба…, вели за Г. Пимен.

Смета дека оваа иницијативе нема негативно да биде протолкувана од свештенството.

Не би сакал да верувам дека меѓу нашето свештенство има луѓе со закоравени срца, луѓе на кои им е омилело материјалното пред духовното, луѓе кои немаат милост и човекољубие. Верувам дека оваа иницијатива дури ќе ни даде убава можност како свештенство да ја разбиеме таа стереотипна слика за нас дека само бараме рака, а рака не даваме, потенцира во интервјуто митрополитот на МПЦ.

Трпеза на љубовта во Свети Николе, сарми за Гинис во Прилеп

Со света ахиерејска литургија која ќе почне утринава во црковниот храм “Свети Николај#, жителите на Свети Николе ќе го прослават празникот на патронот и заштитникот на градот. Традиционално, празникот се одбележува и прославува на верски начин, со песна, посен ручек од македонско тавче гравче и риба и црвено македонско вино, за секој посетител на прославата. Овој настан е организиран од градоначалникот Зоран Тасев и Општина Свети Николе. Свети Николе, како централно место на поголемиот дел од Овче Поле, како населба датира уште од античкиот период. Првобитно населбата била лоцирана североисточно од денешната црква “Свети Стефан”.

Свети Никола, освен на градот кој го носи неговото име, е заштитник на градот Прилеп, кога се прави посна трпеза со надалеку познатите посни мали сарми, со кои градот влезе во Гинис. Годинава се приготвуваат 70.000 на број. Прилепчанки традицијата ја пренесуваат на новите генерации. За секоја година се одредува домаќин кој наредната година ќе го организира изработувањето на сармите. Притоа домаќинот е благословен од највисоките црковни лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top