Сексуалните работнички не веат бело знаме и не рекле: „Во ред, тогаш употребувајте го моето тело како што ви е мило, всушност не ни сакам да бидам третирана како човечко суштество“. Тоа е само сексуална работа, и без разлика кои економски и социјални услови го опкружуваат изборот на жената да влезе во секс-индустријата, треба да ѝ биде дозволено да има достоинство и да се чувствува привилегирана од нејзиниот избор, а не да биде обележана како жртва на нејзините околности.
Леанора Волпе
Курви излегле на улица, проститутките парадираат, уличарки на купче… Ова се само дел од коментарите кога на скопскиот плоштад ќе излезат сексуалните работнички на Маршот на црвените чадори. Облечени со куси здолништа и со високи потпетици, со подврски и маски на лицето тие бараат да се донесе закон со кој ќе бидат заштитени од насилството со кое се соочуваат. Едноставно, заштита, дозвола да си ја извршуваат својата работа. Без разлика од какви причини се определиле на оваа професија, тоа е нивната професија…
И додека го пијат своето кафе во кафулето на скопскиот плоштад, група триесетгодишни луѓе разговараат, се смејат, ги омаловажуваат тие под црвениот чадор… Тие под чадорот,за нив, се курви, уличарки… Старлетите, пак, се ѕвезди…
-Па нека најдат нешто нормално да работат. Нека чистат јавни тоалети, нека метат улици ако веќе не знаат како да заработат за леб. Не мора да бидат курви. Сами си го бараат – коментира еден од „сеирџиите“ на маса, на мојот коментар зошто нему му пречи нечиј туѓ избор од кој лично тој не е засегнат.
Се наметна прашањето – што ако беа старлети… Ме погледна збунето… Старлетите се ѕвезди. Медиумска атракција за повеќе кликови. И никој не ги осудува. Едноставно, луѓе уживаат, медиумот добива кликови – задоволни и едните и другите. А што работат старлетите?
-Каква врска имаат сега старлетите. Па тие се дел од естрадата – коментира соговорникот.
Следуваше блага насмевка. Повеќе коментари не беа потребни. Ограничените сфаќања се сѐ уште присутни во нашето затворено општество. Какви се правата на сексуалните работници во земјата? Дали тие се третираат како човечки суштества? Одговорот на ова прашање го даде друштвото што седеше на маса…
Девојките под црвениот чадор не се изненадени од безобразните коментари. Се чини, навикнале на „третманот“ што го добиле. Велат сосема им е јасно дека менталитетот овде и менталитетот надвор од земјава е сосема различен.
-Клиентите надвор од земјава знаат да покажат дека се задоволни од тоа што го добиваат. Кај нас е поинаку. Знаат да навредат, да те третираат лошо, иако ја добиле услугата што ја побарале. Не те третираат како жена. Сметаат дека со изборот на оваа професија сме избрале нашето тело да биде туѓо тело. Не, моето тело е мое тело – вели една од девојките под црвениот чадор.
Дел од тие што беа на скопскиот плоштад обидувајќи се да дадат на знаење дека не го дале своето тело за да не бидат третирани како човечки суштества, велат дека и покрај тоа што клиентите ги добиваат услугите што ги побарале, имаат обичај да се однесуваат насилно и да кажат дека се незадоволни.
Во својот натпис Леанора Волпе вели:
– Сексуалната работа не е безопасна. Во сексуалната индустрија постои присила и злоупотреба, но кога сексуалните работнички се нападнати или силувани, или дури и убиени, тие не се третираат со истата емпатија како и другите жени што се жртви на сличен напад. Затоа што „се ставиле самите под ризик“, на нив им се вели дека треба да „очекуваат“ мажите да ги третираат лошо. Со тоа вината за силувањето се става на жените, кои го искусиле, место на тие што го сториле. Тоа е штетно и жените во секс-индустријата не претставуваат брана што го задржува бранот на машките желби да заштитуваат „други жени“ од силување и напади. Тие „не си го бараат“ со тоа што се ставаат во таа позиција.
Уценети клиенти, уапсени работнички
Сексуалните работнички во Шпанија добија работнички права. Можат да бараат и социјална помош во случај на невработеност. Ќе им се плаќа здравствено и пензиско осигурување. Кај нас сексуалните работнички беа приведени, јавно омаловажувани, снимени, фотографирани, објавувани. Тие се обидоа судски да се изборат за правдата и за своите права, но заглавија во судските лавиринти.
Според последното истражување на ХОПС, од 310 сексуални работници во земјава, 211 биле малтретирани поради нивната работа. Според нивните изјави, најчести сторители се самите клиенти, потоа полицијата и семејството. А дури 37 проценти од анкетираните работници одговориле дека не очекуваат помош од никого.
– Непостоењето закони што ќе ги заштитат сексуалните работници во РМ уште толку ги поттикнува македонските корисници на сексуални услуги секојдневно да уживаат во бесплатна пенетрација со девојките, односно под присила и закана да добијат услуга за беспари. А тоа е исто како да влезете во маркет, да земете чоколада и да не платите за неа – вели Борче Божинов, од невладината организација СТАР-СТАР.
Според Истражувањето во заедницата на Мрежата на организации за застапување на сексуалните работници во Централна и во Источна Европа и во Централна Азија во Македонија, службени лица од Министерството за внатрешни работи ги уценувале клиентите дека ќе ги известат нивните семејства преку судски допис испратен до нивниот дом за купените сексуални услуги. Тие се уапсени со цел од нив да се изнуди сведочење против сексуалната работничка за престап заради нудење сексуални услуги за пари, по што следува кривична пријава или уцена со закана за поднесување кривична пријава.
(Извор: Потфрлање на правдата: Институционално и вонинституционално насилство кон сексуалните работници и потрага по заштита и праведност)
Наспроти малтретирањето на клиентите, стојат малтретираните сексуални работнички, кои тешко се осудуваат да пријават насилство. Во извешајот, кој е објавен во мај годинава, стои дека во изминатите 12 месеци, испитаниците во полиција пријавиле 15 случаи на полициско насилство во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Романија, Русија, Србија, Турција и Украина. Но ниту еден од случаите не завршил со судска разрешница, пресуда или истрага. Бројката на малтретирани сексуални работнички е многу поголема од пријавената. Но, се чини, нема храброст за пријавување. Незавршените постапки се доволен доказ дека не постојат права и заштита на овие работнички.
Одбележани за цел живот
Македонија е далеку од легализација на проституцијата. Секоја иницијатива завршува безуспешно. Осудата во најголема мера се должи на длабоко вкоренетите традиционални и конзервативни вредности.
Во една пригода универзитетската професорка по социологија, Татјана Стојановска – Иванова рече:
–Апсолутно сум против легализација на сексуалната работа и отворање јавни куќи во Македонија, прво поради статусот што ќе го добие жената што нуди сексуални услуги, бидејќи ако тоа стане легална професија, жените ќе бидат обележани за цел живот.
На ова како одговор може да се земат две реченици од натписот на Леанора Волпе:
– Ова спротиставување на сексуаланата работа не ги ослободува жените, тоа им го одзема гласот и ги претвора во тела. Да ѝ се кажува на жената што може или не може да прави со нејзиното тело за мене претставува мизогинија.
Или, како што се вели на почетокот на оваа статија – на жената треба да ѝ биде дозволено да има достоинство да се чувствува привилегирана од нејзиниот избор, а не да биде обележана како жртва на нејзините околности.
Пишува: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.