Музичкото шоу „На иста адреса“ беше прекинато по 65 дена на прикажување. Преку соопштение до јавноста продукцијата ги објаснува причините за прекинот.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
Почитувани наши гледачи, поддржувачи, критичари и сите Вие кои НЕ успеавте да нè гледате изминатите 65 дена, со задоцнување од неколку дена ќе пробаме да Ви ги откриеме причините за предверемното еднострано прекинување на шоуто „На иста адреса“, кое се емитуваше на еден од македонските национални канали.
На почеток, би сакале да Ви се извиниме ретроактивно за многу работи кои нè среќаваа сите нас а и Вас во тек на целото шоу од самиот почеток до неговиот крај.
Прво, би сакале да Ви се извиниме што трасата или конекцијата со нашата преубава вила во Скопје и телевизијата што го емитуваше шоуто беше недолична за векот во кој сите ние егзистираме. Се разбира тоа не беше наша обврска, но можеби требаше навреме да изреагираме и ние а не тие, за да го прекинеме мачењето Ваше и Наше, секојдневно по стотици и илјадници пати преку неартикулирани прекини од неколку секунди до повеќе минути.
Како второ извинување, сакаме да биде нашиот ,,лош избор“ на кандидати, кои како големи музички ,,антиталенти“ ги прибравме во шоуто за Вас и Нас, како би можеле да нè оптоваруваат со ,,лоши“ изведби на големи македонски и странски хитови.
Да, се извинуваме што навреме не успеавме да ги избркаме барем половината од нив како што некои „упатени залутани медиумски ликови“ ни сугерираа, за да наместо музичко реално шоу, направиме лоша копија на развратни регионални реални шоуа, со персоналитети со сомнителен кредибилитет. Се „сложуваме“ дека требаше можеби да увеземе и по некоја проститутка од странство за да го збогати Вашето внимание и Ве задржи подолго пред малите екрани со нашето музичко реално шоу. Сепак искуството на некои залутани со ваков тип на шоуа требаше повеќе да го искористиме за да произведеме нешто поинтригантно за сите Вас. Како што можевме да забележиме, нивното истражување покажало огромен интерес кај сите Вас наши гледачи, за разврат и други недолични дејствија. Ете, тоа му фалело на шоуто, велат.
Се извинуваме на сите Вас што не ставивме камери, иако ни беше спомнато од залутаните, по тоалетите во вилата, па немавте можност да ги гледате голите тела на нашите кандидати. Веруваме и тоа беше еден од недостатоците во концептот на шоуто.
Ви се извинуваме што примивме пејачи во нашето шоу кои не се спремни да газат на сопствениот интегритет и го прекршат домашното воспитување, за сите оние кои очекуваа нешто друго од нив, ги задоволат со секс во живо, физички пресметки помеѓу себе, не глумеа плејбои и ,,калаш“, па ете моравте да се задоволите исклучиво со нивното пеење и невиден ентузијазам да Ви покажат на сите Вас дека доволно вредат за Ваше внимание.
Се разбира, Ви се извинуваме што јазикот на кој се комуницираше во нашето шоу беше македонскиот, а не некој од заседнатите веќе туѓи јазици по нашите македонски медиуми, иако во нашето шоу на најдостоинствен начин и Ром и Албанка ги претставија своите граѓански групи од каде што доаѓаат.
Многу ни е тешко што мораме да Ви признаеме дека и некои од најдобрите и најквалитетните кандидати беа од заштитените групи, па со внимание и третман на чуден ,,хуманоиден“ начин нè искомунициравме со нив, и не натеравме други стрејт учесници да им ги искршат главите за Вие почитувани гледачи, а богами и некои залутани ликови во некој од македонските медиуми, бидат задоволни од концептот на шоуто и неговите рејтингзи.
На сите оние што не го бендисаа и нашиот избор на професори и жири, Ви се извинуваме од срце, што и покрај Вашите барања, не Ве удостоивме и не ги отстранивме од шоуто во кое се дадоа максимално професионално и преку игра и разни шоу и медиумски трикови не пробаа да Ви го привлечат Вашето внимание. Мораме да Ви признаеме дека и некои работи кои, на пример, се случуваа за време на гала-вечерите, па дури и разни „несогласувања“ беа успешна игра на големи професионалци кои точно знаеја зошто се ангажирани во шоуто и што Вие како публика сакате да гледате и останете со нас до доцните порно-часови и со нашите деца. Одлични пејачи, прекрасни карактери, млади лица кои секако ќе имаат што да Ви покажат во најблиска иднина. Но за тоа потоа.
Многу од Вас ги коментираа термините во кои се емитувавме. Да, се извинуваме на сите Вас кои очекувавте да бидеме присутни барем 500 часа месечно со Вас. Но, се надевам имате разбирање дека ние како продукција немаме право да ја формираме програмската шема на оваа, па и на која било друга телевизија.
Вечерниот „порно-термин“, како многумина од Вас го нарекуваа терминот за почеток на шоуто помеѓу 00.30 и 00.55, исто така ние како продукција самоволно не си го избравме. Се приспособивме само на терминот кој го добивме во меѓувреме. Тоа беше ,,одличен термин“ особено за нашата најреална целна група: 10-18, и 18-25, затоа што ние знаевме дека нашите деца не одат на училиште и немаат потреба да учат, па ќе имаат доволно време да седат до 3 часот наутро и да нè пратат секојдневно пред малите екрани.
Се извинуваме на другите целни групи што не можевте да нè чекате и гледате во тие термини. Вие се разбира „не ни бевте воопшто интересни“ за таргетирање.
Се разбира, знаете дека знаеме за што сè треба да Ви се извинуваме, но да не го должиме до 3 часот наутро со извинување, ќе престанеме во овој момент. Со надеж дека ќе нè разберете и нас, како што ние пробавме да разбереме некои што тоа се разбира воопшто не го заслужуваат.
И за крај. Продолжеток на ова шоу следи со втора сезона, а сите Вие ќе бидете навремено информирани на кој медиум и во кои нормални термини ќе можете да нè следите.
Од наше име, од името на целата продукција, сите 15 учесници им се заблагодаруваме на Елена Ристеска и Роберт Билбилов за подарениот мегахит за нашето шоу, бендот што ги пратеше сите 9 гала-вечери, нашите прекрасни посветени водители Марко и Александра, Томато продукција, Андријана Јаневска, Анета Качуркова, Роберт Билбилов – Just RB Production, Бојан Боки 13 Јовановски, Весна Бејби Петрушевска, екипата на Прима Данца предводена од Влатко Павлески, Александар Масевски, Лила Филиповска, Тамара Тодевска, Есма Реџепова, Ѓорѓи Крстевски, Викторија Лоба, Панки, Влатко Илиевски, Димитар Андоновски, Лидија Кочовска, Ѓоко Танески, Зоран Џорлев, Зуица Лазова, Панчо, потоа Лајф Радио, Метрополис Радио, Сити Радио, Антена ФМ, Клуб ФМ и повеќе од десетина македонски портали, како и уште многу директни и индиректни учесници ангажирани со една иста цел – да успееме да ја пробиеме македонската веќе оформена бариера од турски серии и српски турбофолк-емисии, зачинети со регионални чудни репризи од пред десетина и повеќе години.
Ве поздравуваме сите Вас најдобронамерни како и сите оние најзлонамерни, со последна молба до сите Вас, да имате прошка и разбирање за сите што ни згрешија и направија сè нашето, ќе повторам, музичко шоу, да не го дочека својот реален крај.
Грешни се господе, прости им.
Победници се разбира има, а тоа се сите наши 15 учесници на нашето реално музичко шоу „На иста адреса“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Драма, пари и секс: Богатите Англичани снимија реално шоу на хрватскиот остров Хвар (видео)
-
Што ли ќе прават пред камери: Кумашинката на Заев и Спејко во реално шоу
-
Поранешна светска рекордерка и олимписка шампионка учествува гола во реалното шоу „Адам и Ева“ (видео)
-
Крвнички ќотек во реално шоу (ВИДЕО)