| четврток, 6 декември 2018 |

„ФХ3Х“ работеше на 11 филма од вкупно 20 кои се номинирани за „Оскар“

Официјалните номинации на финалните пет филма кои ќе се борат за „Оскар“ ќе бидат објавени на 14 јануари 2016, додека церемонијата на доделувањето ќе биде на 28 февруари, 2016 во „Долби арената“ во Лос Анџелес

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти „ФХ3Х“ работеше на вкупно 11 од 20 филма што се номинирани за најпрестижната филмска награда „Оскар“. До крајот на декември, од тие 20 ќе бидат избрани 10, за конечно во јануари да бидат објавени официјално номинираните пет филма.

Официјалните номинации на финалните пет филма кои ќе се борат за „Оскар“ ќе бидат објавени на 14 јануари 2016 година, додека церемонијата на доделувањето ќе биде на 28 февруари, 2016 година во „Долби арената“ во Лос Анџелес.

– Ова е најуспешната година за „ФХ3Х“. Во време на брз технолошки напредок и визуелни ефекти што се базираат на најовите научни достигнувања, прво и основно што треба да остварите е да направите добар тим. Им благодарам на сите од мојот тим што се покажаа оваа година и што ја направија најуспешна за ФХ3Х – изјави Миливоје Ѓорѓевиќ, еден од сопствениците на македонската компанија.

Компанијата брои 230 вработени, а се планира во иднина тимот да брои најмалку 300 креативци.

– Во овие 18 години на постоење на „ФХ3Х“, не беше многу одамна, всушност пред само 2 години, кога вкупниот број на филмови на кои работевме беше 11, а еве само две години подоцна, во 2015 година, 11 од филмовите на чиишто визуелни ефекти работевме се во трка за најпрестижната награда во Холивуд, „Оскар“ за визуелни ефекти – изјави Кристијан Даниловски, сопственик на „ФХ3Х“.

Според официјални извори во Холивуд, компанијата соопшти дека четири филма, најверојатно, ќе останат во следниот круг и тоа „Антмен“, „ Одмазници: Ерата на Ултрон“, „Марсовец“ и „Повратникот“.

И на двајцата сопственици на „ФХ3Х“ личен фаворит за „Оскар“ за визуелни ефекти им е „Марсоевец“ и „Утре земја“.

ФХ3Х годината ја заокружува со филмот „Виктор Франкеншајн“ на кој се работеше во февруари годинава, а на кој работеше тим од 20 креативци. Премиерата на филмот е наредната недела.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top