Европската унија во март може да донесе одлука за нова европска политика за бегалците и за реформи на шенгенските правила, кои во сегашната бегалска криза се покажаа неефикасни, пишуваат словенечките печатени медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, јавува „Танјуг“.
За истата тема, како што се наведува, ќе стане збор на состанокот на Советот на ЕУ оваа недела.
Словенечкиот премиер Миро Церар, во таа пригода ќе го застапува ставот, новите европски квоти за членките на ЕУ за прием на сириските бегалци кои сега се во Турција, да не можат да се одредуваат сѐ додека Германија не каже „стоп“ на досегашната политика на отворени врати за емигрантите и додека не се воспостави ефикасна контрола на грчко-турската граница, пишува љубљанскиот весник „Дело“.
Според неименувани извори кои ги пренесе весникот, новата европска политика може да биде јасна во март идната година, до кога бегалскиот бран кон Европа ќе продолжи.
На неа, како што се наведува, битно ќе влијае Германија, која прими најмногу бегалци, иако во тоа време со ЕУ ќе претседава Холандија, која прва ја изнесе идејата за создавање на „мини-Шенген‟, внатре во сегашните шенгенски подрачја, со цел бегалскиот проблем подобро да се контролира.
– За новата политика кон бегалците треба да се договориме што побрзо, бидејќи многу европски, па и словенечки политичари бегалскатаа криза ја користат за ширење на евроскептицизам и страв од распад на ЕУ – изјави за „Дело“ министерот за надворешни работи Карл Ерјавец, реагирајќи на повиците на опозицијата Владата да поднесе оставка поради одлуката на Австрија да почне да поставува ограда на границата со Словенија за подобра контрола на бегалскиот бран.
Тоа што Словенија не е поканета на неформалниот состанок кој, пред самитот на ЕУ, ќе се одржи на иницијатива на Австрија, а се работи за втор таков состанок на земјите од кругот на побогатите држави кои примија најмногу емигранти, никако не е алармантна работа, оцени Ерјавец.
– Опозицијата меша круши и јаболки, не сме поканети бидејќи сме само транзитна, а не целна држава за мигрантите. Нема никаква причина да го напуштиме Шенгенот или да не исфрлат од него, добро си ги вршиме своите задачи, но шенгенските прописи не беа предвидени за огромен доселенички бран – додаде словенечкиот министер за надворешни работи.
Љубљански „Дневник‟ меѓутоа наведува, дека Брисел не е задоволен од начинот на кој Словенија досега се соочуваше со бранот бегалци кои транзитираа на нејзината територија.
– Словенија не се држи до даблинските миграциски правила, не контролира кој влегува во шенгенскиот простор, а бегалците не ги регистрира на предвидениот начин – рече неофицијално анонимен словенечки дипломат во Брисел.
Словенечкиот печат предупредува на тоа дека сѐ пожестоките полемики околу носењето на товарот на бегалската криза се присутни и во Европскиот парламент, со предупредувања до европратениците од побогатите земји дека членките на ЕУ од централна и источна Европа не сакаат да ги прифатат имигрантските квоти и да дадат свој придонес во решение на најголемата бегалска криза во Европа по Втората светска војна.
Така Словенија во март, кога се очекува конечно решение на состојбата, може да се најде во ист кош со Унгарија и со другите земји на Вишеградската група, бидејќи бегалската криза сѐ повеќе покажува дека бегалците ќе ја поделат Европската унија на „два табора“, предупредува весникот „Дневник‟.
Тоа, но и немањето јасни одговори на коалициската Влада на Церар на предизвиците, ги загрижува и пратениците во словенечкиот Парламент, кои не се задоволни од премиеровото повторување на ставовите дека исфрлувањето на Словенија од Шенген-зоната „не доаѓа предвид‟.
– Кога шефот на еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јерон Дијсеблоем, во разговор за белгиски весник вели дека лошото управување со бегалската криза може да доведе до создавање на мини-Шенген, тогаш тоа не е никако само шега, изјави за „Дело“ претседателот на Комисија за надворешна политика на словенечкиот Парламентот, Јозеф Хорват, член на опозициската демохристијанска партија Нова Словенија (НСИ).
– Ако дојде до тоа, очекуваме Владата да поднесе оставка – додаде Хорват.
– Поставивме жица кон Хрватска, сега жица кон нас поставува Австрија. Може да ни се случи да станеме т.н. џеб за бегалците, своевидна воена краина на Европа – вели опозицискиот пратеник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)