| четврток, 6 декември 2018 |

Петта традиционална манифестација „Твориме, создаваме и зборуваме на македонски јазик“

Во организација на учениците на СЕПУГС „Арсени Јовков“ на сцената во Драмскиот театар во Скопје денеска, на 14 декември во 13.00 часот ќе се одржи петтата по ред традиционална Манифестација „Твориме, создаваме и зборуваме на македонски јазик“.

Целта на овој настан е младите да се насочат кон правилна употреба на македонскиот литературен стандарден јазик.

Напливот на англицизмите, дијалектите, сленгот и жаргонот сè почесто се форми на јазикот со кои младите комуницираат меѓу себе.

„Клучот на нашето постоење е токму јазикот – македонскиот јазик. Јазикот е нашиот идентитет. Тој претставува животворен елемент на една нација и истиот треба да се негува“, е нагласено на Манифестацијата.

– И во времињата минати и во времињата идни, јазикот е оној кој нè одвојува од другите. Мислата за сплотување на македонскиот народ во македонска држава го создаде и неминовниот процес за целосно оформување на македонскиот литературен стандарден јазик. Ова значи дека ги имаме придобивките, но тоа не значи дека овде треба да застанеме. Напротив, преку вакви настани треба да го спречиме напливот на нови елементи од странски јазици и да го негуваме во неговата стандардизирана форма. Да ги почитуваме дијалектите, сленгот и жаргонот како негово богатство, но да не дозволиме тие да ја нарушат неговата автентичност. Младите се нашата иднина, тие ќе го пренесат на своите поколенија она што ние денес го градиме, негуваме и чуваме. Да ги научиме на патот кон нивното созревање да ја осознаат светлата точка и значењето на нивниот идентитет – македонскиот јазик – истакна Јованка Аспровска, директор на СЕПУГС „Арсени Јовков“.

Во програмата се опфатени повеќе сегменти од јазикот и неговата употреба, преку соодветни драматизации и тоа: македонскиот јазик во македонската поезија, во македонскиот роман, во македонскиот филм, во македонската музика, во драмските текстови, во клише муабетите – во практиката и користењето на сленгот и дијалектите во секојдневната комуникација.

Учествуваат ученици од основните училишта од Општина Бутел и Општина Ѓорче Петров, како и учениците од СЕПУГС „Арсени Јовков“, со претставата „Автобус Јутонг“, по текст и режија на проф. Розита Закева. Во претставата е прикажана употребата на македонскиот јазик во секојдневниот говор.

Годинешното мото на Петтата јубилејна манифестација е „Македонскиот јазик наш идентитет“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top