| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Проширувањето на „Борис Трајковски“ дел од повеќе крупни проекти во Скопје

Почна проширувањето и реконструкцијата на третиот дел од булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од фабриката Стаклара до влезот на населбата Пинтија. Вкупната инвестиција е 3,7 милини евра, а реализацијата на проектот е од особено значење за жителите од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и сите околни населени места кои гравитираат во овој регион.

Почетокот на градежните работи, кои треба да траат 18 месеци, ги означија премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски и градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ.

– Денеска го продолжуваме големиот проект за проширување на некогашната улица „Првомајска“ и изградбата на големиот булевар „Борис Трајковски“ кој е од големо значење за жителите на Кисела Вода. Овој проект почна во 2011 година и во неколку етапи тесната улица која порано беше синоним за гужви и нервоза се претвори во широк булевар со четири коловозни ленти и со останати пропратни содржини. Денес го продолжуваме овој проект, рече премиерот Груевски.

Тој додаде дека овој проект беше најавен пред два месеца на означувањето на почеток на втората фаза од реконструкцијата и проширувањето на улицата „Трета Македонска Бригада“ и оти е дел од неколкуте големи капитални проекти во Скопје.

– Покрај на булеварот „Борис Трајковски“ се вршат активности и за продолжување на булеварот „Партизански одреди“ од Карпош кон Ѓорче Петров, а во наредниот период ќе почне и проектот за продолжување на булеварот Србија од Цементарницата Усје до поранешна автобуска станица на бројот 24, рече премиерот.

Според премиерот реализацијата на овој проект во голем обем ќе го олесни сообраќајот во овој дел на Скопје и ќе овозможи побрза и посигурна сообраќајна комуникација на жителите кои секојдневно го користат булеварот „Борис Трајковски“.

Најави дека по завршување на оваа фаза предвидена и четврта и последна фаза од проширувањето на булеварот Борис Трајковски од Пинтија кон Драчево и додаде дека со поддршка на граѓаните ваквите проекти ќе продолжат и во наредниот период.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ова е исчекор во подобрување на квалитетот на живот на околу 70 илјади жители кои живеат во овој дел од градот.

– Со овој крупен капитален проект, еден од најкрупните во општина Кисела Вода заеднички придонесуваме тие граѓани на еден побезбеден и полесен начин да патуваат кон Скопје и во двете насоки преку  еден модерен булевар кој ќе биде составен дел на една шесткилометарска делница кој почнува од рампата во Кисела Вода па се до Пинтија, рече Ставрески и додаде дека е значаен бидејќи ќе овозможи подобар пристап и до индустриската зона, која пак ќе привлече домашни инвеститори и ќе отвори нови работни места.

Ставрески истакна дека се работи за крупен инфраструктурен проект за кого и претходно се издвојувани средства и кој се гради во етапи, меѓутоа е проект што се гради, кој е значаен за 70 илјади жители и беше поставен во приоритетите и на Општината и на градот Скопје, рече тој.

– Ние како централна власт сме должни и да дадеме поддршка за реализација на таков проект.  Ова се разбира е проект што е дел од вкупната поддршка што Владата на Република Македонија преку Светска банка ја обезбеди за сите општини во Република Македонија, а во кој досега учествуваа 42 општини во кои  претходно се градеа улици и патишта, школи и водоводи и канализации, детски градинки, она што општините сметаат дека е приоритетно за нив, рече Ставрески.

Истакна дека Владата ќе остане посветена на општините преку реализација на вакви слични проекти кои се значајни за жителите на населените места во РМ.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски  рече дека должината на оваа делница која почна денеска да се проширува и реконструира е 2,200 метри. Посочи дека со проширувањето оваа собраќајница ќе стане булевар со четири ленти со вкупна ширина од 13,75 метри, пешачки патеки од двете страни со вкупна ширина од 3,5 метри, како и велосипедска патека од левата страна на булеварот со ширина од 2,75 метри.

Како што додаде градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе се искористат за да се изгради нова атмосферска канализација по должината на коловозот, а ќе се постави и ново улично осветлување со 121 солб.

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ истакна дека со отпочнувањето на третата фаза од проектот за проширување на улицата „Борис Трајковски“ и нејзиното прераснување во булевар на овој потег, оваа главна сообраќајна артерија во иднина ќе ја поврзе централната точка на општина Кисела Вода преку индустрискиот дел, со населба Драчево и село Драчево, како и останатите населени места во соседните општини.

По финализацијата на овој капитален проект, преку 120 илјади граѓани од југоисточниот дел  на градот Скопје по современа сообраќајница за многу пократко време ќе стигаат до центарот на градот, а бенефитот ќе го почувствуваат и сопствениците на компаниите во индустриската зона на општината.

Најави во блиска иднина уште два крупни инфраструктурни проекти од страна на градот Скопје во општина Кисела Вдоа, а тоа се пробивањето на булевар „Србија“ и изградбата на кружен тек, како и пробивањето на улицата „Есенинова“ до булеварот „Никола Карев“.

Изведувач на градежните работи на булеварот „Борис Трајковски“ е конзорциум составен од ДГ Бетон, Бауер и бугарската Понстој инжинеринг ЕАД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top