| четврток, 6 декември 2018 |

Инцидент на натпреварот Вардар-Силекс, „Комити“ продолжиле со нередот и во локален маркет

Вчера околу 13.30 часот за време на фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК „Вардар“ од Скопје и ФК „Силекс“ од Кратово на градскиот стадион во Велес, едно лице од навивачката група на „Комити“ се обидело да се качи на металната ограда. Кога бил предупреден да се симне, навивачка група од околу 50 лица тргнале кон полицискиот службеник и го потиснале на металната ограда. За да ги оттргне навивачите од него, полицаецот употребил гумена палка над повеќе лица од навивачката група.

Околу 14.00 часот приведено е лицето Д.С.(20) од Скопје за сторен напад над службено лице при вршење работи од безбедноста, како и лицата М.М. (27) од Скопје и С.К. (27) од Скопје поради сторен прекршок од законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревар.

Околу 16.30 часот 11 лица од навивачката група „Комити“ извршиле насилство над повеќе граѓани во маркет во Велес. Откако нивни член од групата бил фатен при кражба на чоколади од маркетот, останатите од групата почнале да ги навредуваат, малтретираат и им се закануваат на вработените со физичка пресметка, по што ги кршеле корпите пред влезот на маркетот и се обиделе насилно да ја отворат влезната врата која била затворена после кражбата.  Притоа, оштетиле и патнички автомобил марка „фолксваген поло“ сопственост на  „Секурити Груп Сервис“ , паркиран од лице кое во моментот службено било ангажирано како обезбедување во маркетот.

По целосно документирање на настанот, од страна на Секторот за внатрешни работи Велес ќе бидат поднесени кривични пријави за насилство и напад над службено лице при вршење работи на безбедноста и прекршочна пријава против две лица за сторен прекршок од областа на законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top