| четврток, 6 декември 2018 |

Остра реакција на студентите од ФИНКИ и на ФФК

Студентскиот парламент на ФИНКИ и Студентскиот парламент на Факултетот за физичко образование спорт и здравје остро реагираа на прес-конференцијата на Студентскиот пленум. Го пренесуваме интегралниот текст од реакцијата.

-Како најзасегнати од одлуката за изградба на нови објекти за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, сплотени во ставовите, преку ова соопштение остро реагираме на изјавите и несолидарниот однос од страна на членовите на неформални студентски организации, кои се противат на одлуката за изградба на нови објекти на нашите факултети, со коишто конечно и трајно треба да се реши проблемот кој што го имаат овие две високообразовни институции, го имаа нашите колеги од претходните генерации, а го имаме и ние, сегашните студенти.

Колку за илустрација, посочуваме дека Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, кој е расадник на една од најдобро квалификуваната и најбарана работна сила во Македонија, нема сопствени, па ги користиме просториите на соседните факултети, договарајќи и преговарајќи за слободни термини. Додека пак, на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за жал, во моментов студираме во дотраени постземјотресни бараки.

Сега кога конечно, како студенти на двата факултети треба да добиеме сопствени објекти и постојните супстандардни услови да се заменат со нормални услови за развој и совладување на наставно – научните програми, цели и практика, останува енигма и несфатливо е како една благородна идеја, која треба да реши еден многу голем проблем за дел од академската заедница, не наидува на поддршка од дел од младите луѓе, студенти, наши колеги, кои веќе имаат сосема пристојни услови за студирање?

fizicka-kultura-fakultet-barok-1

 

Зар не сакате да нѐ видите во исти амфитеатри и училници во какви што и самите посетувате настава? Сакате ли да се замениме со просториите барем на еден ден? Барем на еден ден да ги замените вашите топли амфитеатри со нашите студени импровизирани училници, или да учите под отворено небо? Зар младинското и студентско организирање не треба да служи за надминување на вистинските предизвици со кои се соочува младиот човек во Република Македонија? Не ли треба да служи за надминување на нашите предизвици, како најзасегнати студенти во целата оваа ситуација?

Во таа насока, апелираме во следниот период – навредите кон целокупното студентско движење и неоснованите критики да бидат заменети со максимална поддршка од сите студенти, од сите наши колеги од другите факултети и заедно да бидеме коректор, доколку работите запнат пред одреден предизвик. Затоа што, сепак за нас новите објекти значат многу! Значат чувство на достоинство и вистински академски граѓани!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top