Хирурзите се подготвуваат за првата трансплантација на пенис којашто ќе биде изведена во САД, во настојувањата да им се помогне на повредените американски воени ветерани, објави „Макфакс“.
Во текот на дванаесетчасовната операција ќе бидат споени клучните нерви и крвните садови коишто на пенисот би требало да му ја вратат уринарната и, како што се надеваат лекарите, сексуалната функција.
Лекарски тим од универзитетот Џон Хопкинс во Балтимор планира да оперира вкупно 60 воени ветерани. На првиот ќе му биде пресаден пенис на млад починат донор, со дозвола од неговите родители. Стручњаците се надеваат дека чувството ќе се поврати во рок од шест до дванаесет месеци.
Кариса Куни, од споменатиот универзитет, за BBC изјави дека во тимот со години се подготвувале за операциите, вклучително и разгледувањето на етичките прашања. „Оперативните зафати можат значително да го подобрат квалитетот на животот и враќањето на пациентите во нормалниот живот“, истакнува Куни.
Според најновите истражувања, седум проценти од американските војници во борбените операции се здобиле со повреди на гениталиите.
Пресадувањето на пенис кај американските ветерани доаѓа по првата успешна трансплантација на половиот орган извршена во Јужноафриканската Република на 11-ти декември 2014 година.
Др Андре ван де Мерве, урологот кој ја водеше операцијата на пресадување пенис во болницата „Тјиберерг“ во Кејптаун во јуни годинава објави дека по успешното пресадување на момчето на кое му останало само сантиметар од пенисот поради лошо извршено традицонално обрезување, до крајот на годинава или на почетокот од идната, тоа ќе стане татко.
Првата успешна транпслантација на пенис е извршена во Кина, во септември 2006 година во воената болница во градот Гуанжу. На 44-годишен пациент кој го загубил во несреќа поголемиот дел од пенисот, му бил пресаден пенис од 22-годишно момче кое имало мозочна смрт. И покрај успешно изведеното пресадување, поради психолошката траума што ја доживеале пациентот и неговата сопруга, по 15 дена беше извршена операција за отстранување, по што започна големата етичката дискусија во стручната заедница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.