| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка за празникот Св. Климент Охридски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните на Република Македонија им го честита големиот христијански празник – Св. Климент Охридски.

– Денес е денот кога нашиот народ со огромна чест и задоволство го празнува делото на Светиот Климент Охридски. Денот посветен на Свети Климент Охридски е ден кога се одбележува неговата апостолска дејност и ден кога се афирмираат заедничките христијански и цивилизациски вредности на човекољубие и надеж за подобар и попросперитен свет, бидејќи токму тој е основачот на Охридската архиепископија, основоположникот на Охридската книжевна школа и творецот на кирилското писмо, стои во честитката.

Како што наведува пратеничката група, Светиот Климент Охридски со својата просвета не заостана зад своите учители, светите Кирил и Методиј, туку ги наследи и ја продолжи нивната мисија и нивното духовно и хумано дело описменувајќи го народот. Неговото дело не е само наше духовно и културно богатство, туку тоа е дел и од темелите на европската цивилизација и култура и претставува европски цивилизациски симбол.

– Големината на делото на Светиот Климент Охридски е долг кон него и претставува аманет и обврска кон идните генерации да ја почитуваат нашата традиција и духовно наследство, но и да го чуваат и шират духот на неговата мисија и дело за споделување со светот на нашата традиција и култура, како и нашето големо духовно и културно богатство, пишува во честитката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top