| четврток, 6 декември 2018 |

Координативен состанок на полициите на Словенија, Србија, Македонија и Грција за бегалците

Официјални претставници на полициите на Словенија, Србија, Македонија и Грција денеска во Брдо кај Крањ разговараа за поостра контрола и регистрација на бегалците при влез во овие четири држави и за соработка во сузбивање на бранот мигранти, јави Танјуг.

Тие, исто така, зазедоа став за засилена контрола на границите низ кои минуваат мигрантите.

Директорот на словенечката полиција Маријан Фанк по состанокот изјави дека изминатите денови дојде до пад на дневниот прилив на мигранти на балканската рута поради промената на временските прилики и мерките кои го спроведува Македонија на својата граница со Грција, пренесува Хина.

Тој додаде дека сегашната состојба не е гаранција за долгорочно запирање на големиот мигрантски бран кон Европа.

Претставниците на полициите на четирите земји зазедоа став дека заради безбедносни причини е потребно подобрување на начинот на подобрување на идентификацијата на мигрантите. Еден од предлозите е и воведување единствен документ за идентификација што мигрантите ќе ги следи од влезот во ЕУ па се до неговата крајна дестинација, пренесува Хина.

Словенија презеде обврска за оваа идеја да се обиде да добие поголема поддршка кај членките на ЕУ, а во  спроведување на таквата идеја ќе мора да учествува и агенцијата за надворешни граници – Фронтекс.

Учесниците на состанокот го разгледаа и проблемот на спојување на разделените бегалски семејства, како и напорите на Грција, со асистенција на Фронтекс, да ја засили контролата на преминување на мигрантите на грчките острови во Егејско Море.

Полициските сили на четирите земји се договорија да формираат пунктови за контакт меѓу раздвоените членови на семејствата, за да можат да му помогнат на Црвениот крст кој во моментов се грижи за тоа, јави словенечката агенција СТА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top