Тајландските власти потврдија дека добиле предупредување од Москва за тоа дека десетмина Сиријци поврзани со групата Исламска држава (ИД) во октомври годинава пристигнале во Тајланд со цел да извршуваат напади врз руски државјани, а пред сѐ врз туристи.
Полицијата во Тајланд, меѓутоа, соопшти дека засега не може да го потврди присуството на овие Сиријци.
Според тајландското Биро за имиграција, во октомври во земјата влегле 231 Сириец, од кои во Тајланд останале само 21 лице, кои не се во групата на сомнителни.
Тајландските медиуми кои го открија предупредување од Москва, пишуваат дека руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) испратила „итна порака“ до безбедносните агенции во Тајланд за пристигнувањето на Сиријците. Во предупредувањето од Москва се посочува дека тие пристигнале меѓу 15 и 31 октомври и дека патуваат сами.
Според ФСБ, четворица од Сиријците се во Патаја, двајца во Пукет, други двајца во Бангкок, а за останатите не се знае каде точно се наоѓаат.
Патаја и Пукет се најпопуларните туристички дестинации во Тајланд, секогаш полни со странски туристи, меѓу кои и со многу Руси. Овие два туристички центри се особено популарни во ова време, пред Божик и новогодишните празници.
Повеќе од 1,5 милион руски државјани го посетиле Тајланд во 2013 година.
Русија почна со бомбардирање на позициите на ИД во Сирија, од крајот на септември, а џихадистите се пофалија дека во октомври го собориле рускиот патнички авион кој се урна над Синај, при што загинаа 224 туристи и членови на екипажот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.