Американскиот претседател Барак Обама денеска изјави дека истражните органи, се уште, не знаат зошто осомничената брачна двојка уби 14 лица и ранија уште 17 во Сан Бернардино, во Калифорнија.
Обама вети дека ФБИ и судските органи докрај ќе го расчистат случајот, пренесоа британските медиуми.
-Можно е убиствотото да е поврзано со тероризам. Но, ние тоа сега не го знаеме. Можно е, исто така, да е поврзано со проблеми на работното место или мотивите да се комбинирани, изјави претседателот пред новинарите, откако во Белата куќа се сретна со своите советници за национална безбедност.
„Засега не знаеме зошто се случи овој ужасен настан. Знаеме дека двајцата напаѓачи, кои беа убиени, имале оружје и, се чини, имале пристап до друго оружје во нивниот дом. Но, не знаеме зошто го сториле тоа и не знаеме кои им биле мотивите“, додаде претседателот Обама.
Во изјавата од Овалниот кабинет на Белата куќа тој ги повика Американците да ги почекаат фактите и потоа да даваат заклучоци.
-Многумина Американци имаат чувство дека не можат да направат ништо против масовното насилство, но сите ние има што да направиме. Нацијата треба да го спречи насилството, продолжи тој.
Обама истакна дека е неопходно да се преземат ефикасни мерки за да се отежне пристапот на некои луѓе до оружјето. Важно е сите Американци, вклучувајќи ги и законодавачите, да размислат што можат да направат. Но, тој призна дека заканата од насилство не може да биде целосно укината.
Американскиот претседател нареди знамињата да бидат спуштени на половина копје по овој крвав чин во Калифорнија, информираа француските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.