| четврток, 6 декември 2018 |

Народни носии и накит од Македонија на изложба во Брисел

Народни носии и накит од Македонија идниот месец ќе бидат изложени во Брисел, во рамките на одбележувањето на Деновите на македонската култура во седиштето на Европската унија, пишува „Дневник“. Ќе бидат претставени вкупно 12 целосни носии, но и поединечни атрактивни парчиња и делови од накит. Изложбата ја организира Музејот на Македонија, во соработка со Министерството за култура. Изборот на носиите го направи Горданче Видиниќ, а на накитот – Милена Петровиќ, двете кустоси-советнички во етнолошкиот оддел во Музејот на Македонија.

Според Перо Јосифовски, директорот на Музејот, изложбата ќе биде поставена во фламанското Министерство за надворешни работи од 25 април до 8 мај.

– Ова е едно од двете претставувања што етнолошкиот оддел при Музејот на Македонија ги подготвува годинава. Kонцептот на изложбата е целосно ист. Излагаме носии и накит од Македонија од повеќе региони и на повеќе етнички заедници. Има и македонски, но и турска, албанска, влашка носија – вели Јосифовски.

Ќе бидат изложени турска, албанска, галичка, кумановска носија, носија од Горна Битола, дебарски Дримкол, Горни Полог и други. Изложбата ќе биде поставена и во Марсеј, европскиот град на културата за 2013 година, но сѐ уште не е утврден терминот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top