| четврток, 6 декември 2018 |

Познати победниците на 8. Скопје Постер Фестивал

„Хендикепот е мајка на перфекцијата“, Нема ништо поубаво од разликите“, „Тие слушаат, гледаат, зборуваат, но, ние не ги разбираме“ – ова се само дел од пораките со кои вчеравечер, во галеријата на МКЦ беше отворен 8. Скопје Постер Фестивал, чија тема годинава е „Сите за луѓето со хендикеп“.

Оваа манифестација, која има и натпреварувачки карактер, годинава помина во знакот на полската графичка школа. Апсолутен победник е младата Каја Клешта од Полска, која ги доби двете главни награди со два свои постери.

Нејзиниот сонародник Пјотр Депта ја  доби специјалната награда на ИКОГРАДА, најпрестижната организација за графички дизајн во светот, чиј единствен член од Македонија е Плакарт.

Почесните награди ги добија Бо Јанг од Кина, Ана Јашчук од Полска, Фарзад Саеди од Иран, Дагмара Врона од Полска, Анке Клејн од Македонија, Амир Милс и Флавија Мартинс од Португалија.

Првпат, во 100-те финалисти чии постери се дел од изложбата, се најдоа и петмина Македонци, што е доказ дека графичкиот дизајн во Македонија се движи во нагорна линија.

Вториот ден од СПФ денеска продолжува со работилници на кои ќе држат предавање графичките мајстори Паула Трокслер на тема “Развивање дизајн идеи“, Ласко Џуровски на тема “Кирилица – вчера, денес и утре“, Гец Грамлиш на тема „Комерцијални, културни и социјални дизјан проекти“, Петер Поч со темата „Постери и идеи“ и Петер Банков ќе држи предавање за спецификите на рускиот графички дизајн.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top