Со денешната аукција на државни записи не се задолжуваат граѓаните со „нови“ 100 милиони евра. Ова тврдење на опозициската партија СДСМ е неточно и очигледно со интенција за политичко поентирање. Министерството за финансии претходно објасни дека во декември треба да се раздолжи, односно да исплати доспеани обврски во висина од 234 милиони евра од кои 84 милиони евра се по основ на стари аукции на државни записи кои сега треба да се отплатат, а 150 милиони за еврообврзницата издадена во 2005 година, а треба да се исплати на 8 декември – реагира Министерството за финансии на денешната итна конференција за печат на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Тие додаваат:
Да потсетиме и дека државните хартии од вредност се воведени уште од 2004 година и претставуваат фискални инструменти за извршување на буџетот кои се користат секаде во светот. Тие се издаваат редовно и континуирано и служат за порамнување на билансот на буџетот.
Аукцијата на државни записи, која се одржува денеска, е во рамки на буџетот за 2015 година, значи предвидена уште пред повеќе од една година кога се гласаше буџетот и кога воопшто не ни беа најавени изборите. Значи не станува збор за дополнителна, непредвидена аукција, туку аукција предвидена и со буџетот и со календарот на аукции од многу порано. Со реализација на аукцијата денеска се обезбедува потребната ликвидност за спроведување на буџетот, како што и беше планирано. Пензиите ќе се исплатат во планираниот рок, односно во петок, ќе се исплатат платите за војската, полицијата, здравствените и образовните работници, субвенциите, капиталните инвестиции… Со попречувањето на аукцијата, единствено нешто што можеше да се постигне е запирање токму на овие исплати.
Министерството за финансии ја повика опозициската партија СДСМ да не се меша во деловната политика на банките и на стопанските субјекти. Тие додаваат дека Министерството и понатаму ќе продолжи со реализација на буџетот согласно со законот донесен од Владата и од Собранието на РМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.