Лидерот во англиската премиерлига, Манчестер сити, продаде 13 проценти од акциите за сума од 265 милиони фунти, на кинескиот конзорциум составен од ЧИТИК Капитал (CITIC Capital) и од ЧМК (China Media Capital). Со тоа Шеик Мансур, сопственикот на Сити, доби кинески партнери кои изразиле желба да влезат во фудбалот кој е најпопуларен спорт во Кина.
Ваквиот развој на настаните се смета за уште еден доказ за успешноста на првиот човек на Сити, Шеик Мансур, кој пред шест години за истата сума го купи целиот клуб, за сега да си ја врати инвестицијата со продажба на само 13 проценти од вкупниот број на акции.
– Фудбалот е најомилен спорт во Кина и ние сме горди што ќе соработуваме со моќни компании од оваа земја. Работевме напорно за да ги најдеме вистинските партнери кои ќе ни помогнат за да се искористи потенцијалот што го поседуваме и на кинескиот пазар, веруваме дека направивме вистински избор – соопштија челниците на Манчестер сити.
По оваа продажба на акциите, вкупната вредност на Манчестер сити на њујоршката берза се искачи на три милијарди долари, само 50 милиони долари помалку од градскиот ривал Манчестер јунајтед.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.