Папата Франциск алармира дека светот е на прагот на самоубиство, поради затоплувањето на климата и дека меѓународната заедница која се собра на конференцијата за климата во Париз, треба да дејствува сега или никогаш, информира „Франс прес“.
– Не сум уверен во резултатите од самитот за климата, но тоа што можам да кажам е дека треба да се дејствува сега или никогаш, коментира папата пред новинарите во авионот на враќање во Рим, по турнејата во Африка.
По конференцијата во Кјото, во 1997 година не е постигнато многу, а секоја година проблемите стануваат сè потешки, а сега изгледа сме на прагот на самоубиство, истакна папата.
– Речиси сите кои се наоѓаат во Париз, сакаат да направат нешто. Верувам дека ќе го направат тоа, имаат добра волја и се молам за тоа – додаде тој.
Папата Франциск е сериозно посветен во борбата против затоплувањето на климата, на кое посвети порака до католиците во пролет. Поглаварот на Римокатоличката црква го осуди и фундаментализмот, велејќи дека тој не е дел од религијата, туку е болест на сите религии.
– Фундаментализмот е секогаш трагедија. Тој не е религиски, во него нема Бог, тој е идолопоклонство, додаде Франциск и истакна: „Ние католиците, исто така, имаме некои фундаменталисти. Тие веруваат дека ја знаат апсолутната вистина и ги клеветат другите. И го велам ова, бидејќи тоа е мојата Црква.
„Катерина Медичи не била светица“, изјави категорично папата. Француската кралица останува запаметена во историјата со масакрот на протестантите во Вартоломејската ноќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.