Претседателот на Европскиот совет, конечно, реши дека треба да ја посети Македонија, но не за да изрази поддршка на македонските граѓани, кои неправедно со години чекаат во редот пред вратите на Европската унија, туку да ни кажел дека ЕУ била со нас и е подготвена да ни помогне за бегалската криза. Фала Европа, не брани нѐ! Доналд Туск добро знае дека 90.000 евра помош, колку што досега Брисел ѝ дал на Македонија, е смешна за да ја споменува како поддршка, ако се има предвид дека државата што со години чека да биде примена во европското семејство, ни крива ни должна, за да му помогне на богатиот и непринципиелен полубрат, досега потрошила 10 милиони евра за транспорт и за згрижување на бегалците.
Македонската јавност, пак, исто така, многу добро знае дека Туск доаѓа во Македонија да ни „помогне“, но само за отворање бегалски кампови каде што треба трајно да бидат сместени десетици илјади бегалци, кои не се добредојдени во Европската унија. Очигледно, најодговорните за бегалската криза немаат решение како да го сопрат бранот бегалци, па сега со некоректни дипломатски пораки се обидуваат по секоја цена да најдат „жртвени јагниња“, токму тука, на Балканот. За стариот и проѕирен план на Брисел да ја претвори Македонија во голем бегалски камп „Република“пишуваше уште пред половина година. Тоа не е ништо ново, но, очигледно, работите не се одвиваат како што планираат европските дипломати, па затоа Туск немал многу избор,освен да дојде овде, во непосакуваната Македонија. Реализацијата на планот, очигледно, доцни поради непотчинувањето на властите во Скопје на непринципиелните барања од Брисел, (како што е случај и со Белград).
Дрскоста на Брисел оди дотаму што, место извинување што нѐ оставаат на цедило сами да се справуваме со проблем, кој воопшто не е наш, и да најават итна финансиска помош, Туск од Скопје порачува дека во ЕУ биле подготвени да обезбедат многу повеќе откако ќе имаат процена за нашите потреби. Што значи тоа? Дека нема да добиеме ниту едно евро додека не нѐ наполнат со бегалци? Ова е казната на Брисел за непокорноста? Како е можно да им треба цела година да направат процена за потребите на Македонија, а во Грција без проблем истураат десетици милиони евра помош за соочување со бегалците? На крајот, ако им треба толку време за процена, колку ли ќе треба да чекаме да најдат функционално решение за кризата? Додека Брисел врши дипломатски притисок, Соросовите медиуми и некои невладини организации на безобразен начин се обидуваат да ги оправдаат парите од странските фондови со вршење притисок на власта за отворање на границата за економските емигранти. Со тоа, не само што дрско ја манипулираат јавноста за вистинската ситуација на границата, туку и опасно ги намалуваат на минимум безбедносните ризици што ги носи со себе оваа категорија граѓани.
Така, плукаат по државата затоа што некои емигранти, наводно, се обиделе да се самоубијат или во знак на револт си ги зашиле устите, но не споменуваат дека тоа се случува на територија на Грција, односно во границите на Европската унија.Зошто, по ѓаволите, некој би си ја зашил устата за да бара отворање на граница кога до крајната дестинација (Западна Европа) нема потреба да излегува од Унијата? Ако властите во Грција и тамошните борци за човекови права молчат и не преземаат ништо, тогаш зошто нашиве загрижени хуманитарци и борци за човекови права со стотиците илјади евра од странските донации за пропаганда не организираат превоз за овие луѓе преку Италија, земја што, исто така, е членка на Унијата? Оттаму многу побрзо ќе стигнат до крајната дестинација отколку низ ридестиот Балкан.
Зошто никој од Соросовите медиуми или, пак, од „стручњаците за човекови права“ не ни помислува да го постави прашањето што ќе се случи со овие луѓе ако влезат во Македонија во услови кога Србија, Хрватска и Словенија имаат донесено одлука да не ги прифаќаат на своја територија? Попустливоста на македонските власти ќе значи прифаќање на оваа категорија бегалци, која е непожелна за Европа. Тоа понатаму ќе значи загрозување на безбедноста на македонските граѓани затоа што бројката многу брзо ќе го надмине бројот што државата реално може да го згрижи и соодветно да го обезбеди.
Играта е јасна и прочитана. Тоа што е најважно во моментов е македонските власти да ги издржат притисоците и да не дозволат неконтролиран влез на бегалци и на економски емигранти. По никоја цена не смееме да дозволиме да се пропуштаат лица без претходна регистрација и нивна безбедносна проверка, се разбира, во рамки на можностите и во зависност од волјата на пријателските служби да соработуваат со нас. Сепак, хуманоста не смее да ја загрози безбедноста на македонските граѓани.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)