Папата Фрациск денеска во Најроби ги повика претставниците на различните религии да соработуваат и да дејствуваат како мировници и истакна дека Божјото име никогаш не треба да биде искористено за оправдување на омраза и насилство, пренесоа агенциите.
– Премногу често млади луѓе се радикализираат во името на религијата, за да сеат раздор и страв, рече папата пред претставници на некатоличките христијански деноминации, муслиманите, како и традиционалните африкански религии во Најроби, вториот ден од шестдневната африканска турнеја.
Тој ги спомна нападите на сомалиската исламистичка група Аш Шабаб, при што загинаа вкупно околу 230 лица во изминатите две години, во трговскиот центар „Вестгејт“ во Најроби во 2013 година, како и во универзитетскиот кампус во Источна Кенија и во северниот кениски округ Мандера оваа година.
– Односите меѓу различните религии се предизвик, призна Франциск. Но екуменичниот и меѓурелигискиот дијалог не е луксуз. Тоа не е нешто дополнително, но е од суштинско значење, нешто од што ранетиот од конфликти и поделби свет се повеќе има потреба, додаде тој.
Муслиманскиот претставник Абдулгафур ел Бусајди рече дека не може да има мир меѓу државите, без мир меѓу религиите.
Папата Франциск вчера пристигна во Најроби и се сретна со кенискиот претседател Ухуру Кениата и други достоинственици. Денешната програма вклучува миса пред речиси половина милион луѓе. Се очекува тоа да биде најголемиот настан за време на турнејата, која ќе го однесе папата и во Уганда и Централноафриканската република.
Неговата прва турнеја во Африка е 11-та задгранична посета, откако стана папа во 2013 година. Во Африка има околу 180 милиони католици и нивниот број расте побрзо од било каде на друго место во светот, забележуваат светските агенции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.