Соборувањето на рускиот авион од страна на Турција, испраќа негативна порака до терористичките групи и покажува дека е потребна единствена меѓународна борба за да бидат победени, изјави иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф, цитиран од Франс прес.
– Овој чин уште еднаш ја нагласува чувствителноста на ситуацијата во Сирија и нејзиното влијание врз светскиот мир и безбедност, како и дека е потребна единствена меѓународна борба за справување со тероризмот, изјави синоќа Зафир во телефонски разговор со рускиот колега Сергеј Лавров, цитиран од портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
Ваквите дејства може да доведат до ескалација на сириската криза и упатат негативна порака до терористичките групи. Тоа практично ги тера непријателските вооружени групи, меѓу кои и „ИД“, да веруваат дека можат да продолжат терористичката дејност, искористувајќи ги несогласувањата меѓу оние кои се борат со нив, истакнал министерот.
Зариф му изразил сочувство на Лавров во врска со соборениот авион и изразил поддршка за напорите на Русија во борбата против тероризмот во регионот, соопшти руското Министерство за надворешни работи, цитирано од агенциите.
Двете надворешни институции ја потврдија својата намера да продолжат да ги координираат своите активности за решавање на регионалните конфликти и пред се сириската криза, додаде руското министерство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



