Повеќе од половина од американските гувернери, 27 држави, велат дека се против примањето сириски бегалци во нивните држави, иако последниот збор за тоа спорно прашање за имиграција ќе го има федералната влада.
Државите што се противат на приемот на бегалци се протегаат од Алабама и Џорџија, до Тексас и Аризона, до Мичиген и Илиноис, до Мејн и Њу Хемпшир. Меѓу овие 27 држави, сите освен една, имаат републикански гувернери.
Најавите дојдоа откако властите открија дека се верува дека најмалку еден од осомничените за терористичките напади во Париз влегол во Европа со сегашниот бран бегалци од Сирија. Тој лажно се идентификувал како Сириец со име Ахмад ал Мухамед и му било дозволено да влезе во Грција во почетокот на октомври.
Некои лидери велат дека или не се согласуваат да примат сириски бегалци како дел од националната програма или бараат да им се извршуваат детални проверки како потенцијални закани за безбедноста.
Само 1.500 сириски бегалци биле прифатени во САД од 2011 година, но администрацијата на Обама објави во септември дека следната година ќе се примат 10.000 Сиријци.
Советот за американско-исламски односи во понеделникот изјави, „Победата врз ИСИС вклучува проектирање на американските идеали во светот. Гувернерите кои ги отфрлаат луѓето што бегаат од војна и прогон отстапуваат од нашите идеали и наместо тоа ги проектираат нашите стравови во светот.“
Одлуката за примање бегалци во земјата, сепак, зависи од федералната влада, а не од државите, иако одделни држави може да го отежнат процесот на прием, велат експертите.
Американскиот универзитетски професор по право Стивен И. Владек рече: „Законски, државите немаат овластување да направат што било бидејќи Уставот го припишува правото на одлучување за тоа кој треба да се прими во оваа земја на федералната влада.“ Но, Владек истакна дека без учество на државите, федералната влада ќе има многу потешка задача.
„Значи, една држава не може да каже дека законски се противи, но може да одбие да соработува, што многу повеќе ја отежнува работата.“
Дали избегнувањето бегалци е одговор на тероризмот?
Кевин Еплби, директор на миграционата политика на американската Конференција на католички бискупи, рече дека една тактика што би можелe да ја употребат државите би била да ги намалат сопствените средства во областите каде што се раселуваат бегалците. Конференцијата е најголемата организација за раселување бегалци во земјата.
Но „кога мора да се дејствува, федералната влада ја има и пленарната моќ и моќта на Законот за бегалци од 1980 година да размести бегалци насекаде во земјата“, рече Еплби.
Повеќе од 250.000 луѓе ги изгубија животите откако избувна насилството во Сирија во 2011 година, а најмалку 11 милиони луѓе од 22 милиони од земјата ги напуштиле своите домови. Сиријците се моментно најголемиот број бегалци во светот, според Обединетите нации. Повеќето од нив се обидуваат да најдат безбедно прибежиште во Европа.
Најавувајќи дека неговата држава нема да прифати сириски бегалци, гувернерот на Тексас, Грег Абот, на својот профил на „Твитер“ во понеделникот напиша: „Барам од САД да дејствуваат слично”, рече тој. „Безбедноста е на прво место.“
Во писмо до претседателот Барак Обама, Абот изјави дека „американското хуманитарно сочувство може да биде искористено да се изложат Американците на слична смртоносна опасност“, осврнувајќи се на смртоносните напади во Париз во петокот.
Гувернерот на Џорџија, републиканецот Нејтан Дил, рече дека Џорџија нема да прифати бегалци од Сирија сѐ додека федералната влада и Конгресот не извршат темелен преглед на тековните процедури за контрола и проверка на минатото.
Гувернерот на Алабама, Роберт Бентли, исто така, ја отфрли можноста да прифати сириски бегалци во својата држава и ги поврза бегалците со потенцијалните терористички закани.
„По целосно разгледување на терористичките напади врз невини граѓани во Париз, јас ќе се спротивставам на секој обид да се населат сириски бегалци во Алабама преку програмата на САД за бегалци“, рече Бентли во неделата.
„Како ваш гувернер, јас нема да бидам соучесник во политиката што ги става граѓаните на Алабама во опасност.“
„Во моментов не постои веродостојна закана против државата и досега се немаат населено сириски бегалци во Алабама“, изјавија од канцеларијата на гувернерот.
Како што расте листата на држави што ги блокираат бегалците, Делавер, пак, објави дека планира да прифати бегалци.
„Жално е што некој би ги искористил трагичните настани во Париз да испрати порака дека ние не ги разбираме маките на овие бегалци, игнорирајќи го фактот дека луѓето за кои зборуваме бегаат од извршителите на тероризмот“, изјави гувернерот Џек Маркел.
Држави чии гувернери се противат на доаѓањето на сириските бегалци:
Алабама, Аризона, Арканзас, Флорида, Џорџија, Ајдахо, Илиноис, Индијана, Ајова, Канзас, Луизијана, Мејн, Масачусетс, Мичиген, Мисисипи, Небраска, Невада, Њу Хемпшир, Њу Џерси, Ново Мексико, Северна Каролина, Охајо, Оклахома, Јужна Каролина, Тенеси, Тексас, Висконсин
Држави чии гувернери велат дека ќе ги прифатат бегалците:
Колорадо, Конектикат, Делавер, Хаваи, Пенсилванија, Вермонт, Вашингтон
Изјави:
„Мичиген е гостопримлива држава и ние сме горди на нашата богата историја на имиграција. Но, нашиот прв приоритет е заштита на безбедноста на нашите жители“,
Гувернер на Мичиген, Рик Снајдер
„Гувернерот верува дека САД не треба да прифатат дополнителни сириски бегалци поради безбедносни причини. Гувернерот ќе побара од претседателот да го запре нивното населување во Охајо. Ние, исто така, разгледуваме кои дополнителни чекори Охајо може да ги преземе за да се запре доаѓањето на тие бегалци“.
Џим Линч, портпарол на гувернерот на Охајо Џон Кејсик
„Ќе сторам сѐ што е можно да се запрат сите планови на администрацијата на Обама да се донесат сириски бегалци во Мисисипи. Политиката за прифаќање на тие лица во земјата не е само погрешна, туку е и крајно опасна. Претседателот Обама ќе биде известен за мојата одлука да се спротивставам на овој потенцијален чекор.“
Гувернер на Мисисипи Фил Брајант
„Неодговорно е и крајно вознемирувачки да се донесат поединци, кои можеби се поврзани со ИСИС, во една држава, без знаење или вклученост на државата“, се вели во писмото на Џиндал од саботата.
Гувернерот на Луизијана Боби Џиндал
„Не дека не сакаме, туку не можеме. Бидејќи не постои начин да се провери минатото на некој што доаѓа од Сирија.“
Сенаторот од Флорида и републиканскиот претседателски кандидат, Марко Рубио
Извор: „Си-Ен-Ен“
Превод: Ана Цветаноска
(Текст објавен во 168. број на неделникот „Република“, 20.11.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст