| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Обезбедувањето на границата не е само право туку и наша обврска

поп

Република Македонија ќе ги преземе сите неопходни мерки и ќе ги употреби сите ресурси за заштита на границата и спречување неконтролирани премини на мигрантите, кои ќе ги насочува кон точки каде можат да бидат регистрирани. Ќе овозможи помош и премин за сите мигранти од земји од воени зони, кои транзитираат низ земјава и можат да бидат примени во земјите членки на ЕУ, како нивна крајна цел. За овие лица може да обезбеди определени капацитети за ограничен престој. Мигранти од економска природа нема да се пропуштаат, ниту, пак, Македонија може да ги згрижува на своја територија.

Ова е ставот кој министерот за надворешни работи Никола Попоски им го пренел и на амбасадорите во земјава со кои денеска одржа состанок во Министерството за надворешни работи.

– Македонија не може да ги отвори вратите за престој на тие кои не можат да бидат згрижени во ЕУ, пред се заради тоа што не доаѓаат да престојуваат во Македонија, туку имаат определена цел да стасаат до некоја земја членка на ЕУ, а второ, што е уште позначајно, во Македонија доаѓаат од земја членка на ЕУ – изјави по средбата Попоски.

Појасни дека предмет на проценка на безбедносните служби е какви мерки ќе бидат преземени за заштита на границата, дали тоа ќе бидат физички огради, дали обезбедувањето ќе биде со човечки ресурси или на друг начин, а сите мигранти ќе се насочуваат на точки каде што може да бидат регистрирани и каде може да се дефинира дали може или не може да влезат во Македонија.

– Она што е значајно е дека имаме недвосмислена одлука да ги употребиме сите неопходни ресурси зависно од проценката дали ќе се однесуваат на физичко ограничување и насочување или со луѓе или комбинација од двете со цел да обезбедиме безбедност на Република Македонија, да не дозволиме неконтролирани премини, да ги насочиме мигрантите на места каде што можат да бидат регистрирани, да ги идентификуваат и да одлучат дали има можност да влезат во Република Македонија. Никаква опција не е исклучена и оставаме на стручните служби да проценат во кој обем и во каков тип мерки ќе бидат применети. Тоа не е само наше право, туку и наша обврска – истакна министерот за надворешни работи.

Македонија, додаде, е земја која повеќепати досега покажала дека е подготвена да помогне на луѓе со потреба. Во таа насока, рече, ќе обезбеди хуман третман за лицата кои транзитираат низ Македонија, но нема да може да пропушта мигранти од економска природа, особено затоа што, како што рече, за кои самата ЕУ има донесено неколку одлуки дека не можат да бидат примани.

– По каскадата реакции и одлуки на север за проток на таквите мигранти кои беа донесени во Австрија, Словенија, Хрватска, а ние бевме информирани, исто така и од Србија ние мора да ги почитуваме и да ги земеме предвид како фактор кој влијае на бројот на мигранти кои можат да влезат во Македонија, но понатаму и да можат да излезат од Македонија кон Србија на пат кон ЕУ. Во овој момент за нас е значајно секоја од земјите на овој пат да ги исполни своите обврски. Така што и Грција како земја членка на ЕУ и на шенген зоната треба да соработува во насока на одредено филтрирање односно дефинирање на тоа кој може, а кој не може да помине. Ние ќе ги почитуваме овие одлуки, нема да спречуваме премин на кој било кој може да стигне до неговата дестинација бидејќи ние сме само земја транзит – истакна министерот Попоски.

Во однос на лицата мигранти од економска природа кои во моментов се на грчка територија, но се обидуваат да влезат во Македонија, Попоски истакна дека од грчкиот амбасадор на денешниот состанок било потврдено дека Грција „презема мерки за нивно отстранување, односно непопречување на протокот без примена на сила“.

– Очекуваме дека тоа ќе биде изменаџирано од страна на грчките власти бидејќи се работи за нивна одговорност, а остануваме отворени за прием за сите оние кои можат да го продолжат патот до некоја од европските земји- рече Попоски.

Во врска со помошта што е најавена за Македонија за справување Попоски истакна дека таа досега била главно насочена кон меѓународните организации како УНХЦР и Црвениот крст.

– Но, за нас тоа не е критериумот за дејствување, односно ќе ги преземеме сите мерки, без разлика дали и во која форма ќе дојде помош. Од одредени земји членки на ЕУ веќе имаме конкретни најави за помош и за нас секоја таква помош ќе биде добродојдена. Очекуваме дека сите оние најавени контингенти помош ќе пристигнат скоро во РМ и ќе ни бидат ставени на располагање пред оваа криза да биде на уште подраматично ниво- потенцира македонскиот министер за надворешни работи.

Информира дека на денешниот состанок со амбасадорите станало збор и за неодамнешниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, за клучните реформи кои претстојат, а се разговарало и околу подготовките до изборите и најавениот извештај на ЕК што следува по нивното завршување.

– По тоа би требало да се даде валидност на онаа веќе повеќепати повторена препорака за почеток на преговорите за членство на РМ во ЕУ- истакна Попоски и додаде дека таа е значајна бидејќи, како што рече, по 2009 кога првпат ја добивме доаѓаме до еден момент во кој навистина нема аргументи зошто би се одложувал почетокот на преговорите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top