Премиерот Никола Груевски, градоначалникот на Општина Неготино Ванчо Апостолов и стопанственикот Илија Гечев денеска го означија почетокот за изградба на нова индустриска зона „Неготино“.
Зоната се наоѓа во близина на Неготино со атрактивна местоположба во близина на автопатот, регионален пат и железничката пруга на површина од 30 хектари со можност за изградба на 26 објекти.
За позитивните ефекти од изградбата на зоната, според премиерот, доволно говори фактот што досега се продадени сите 17 парцели.
– Стратегијата и политиките на Владата за засилен економски развој, привлекување нови инвестиции, отворање нови работни места и континуиран напредок на РМ продолжуваат со несмален интензитет во сите полиња, истакна Груевски.
Тој најави дека Владата продолжува со промоција на инвестициските можности пред голем број компании од светот.
– Продолжуваме со инвестиции во изградба на патиштата, железницата, образованието, во подобрување на бизнис климата, поддршка на стопанството, изградбата на индустриските развојни зони, како и низа други активности кои се од големо значење за економскиот развој на државата, нагласи Груевски.
Изминатите години, подвлече премиерот, покажаа дека работата си носи резултати.
– Вложуваме навистина многу напори да убедиме што повеќе компании да инвестираат во Македонија и како резултат на тоа бројот на нови фабрики секојдневно расте. Регионот на Неготино и Кавадарци е можеби еден од оние каде директно се почувствуваа придобивките од ваквата наша работа. Дрекселмаер е типичен пример за тоа. Оваа фабрика вработи голем број жители од Неготино и Кавадарци и осетно ја намали невработеноста во овој регион. Тоа е само поттик повеќе уште посилно да работиме на подготовка на теренот за влез на нови инвестиции и изградба на нови фабрики, рече Груевски.
Тој и честита на компанијата ИГМ што влегува во нов деловен потфат и информира дека постои интерес за проширување на зоната за што Владата ќе и помогне на општината за пренамена на земјоделското земјиште во градежно. Со тоа ќе се создадат услови за проширување на зоната со нови 40 хектари.
– Согледувајќи ги сите овие факти, но пред се близината на регионалниот пат, автопатот и железничката пруга, верувам дека на зоната и претстои добра иднина, а со тоа добра иднина го очекува и регионот и сите домаќинства од Неготино и околината кои ќе имаат по некој член од семејството во некои од капацитетите во индустриската зона „Неготино“, посочи Груевски.
Развојните текови во Неготино и регионот, според претседателот на Владата, дополнително ќе бидат поттикнати и со дооформување на индустриската зона Дуброво – Тремник за која има интерес.
Покрај поддршката за изграба на индустриски зони, премиерот вети дека ќе продолжи и поддршката на Владата во сите полиња кои се од интерес за подобрување на животот на граѓаните од регионот.
Во делот на изградбата на патиштата тој потсети дека лани направени се патиштата Тимјаник – Долни Дисан и Курија – Паликура, а во тек се активности за реконструкција на патот за Криволак. Паралелно, нагласи Груевски, со активностите на Владата течат и повеќе проекти на општината за изградба и реконструкција на повеќе патишта и улици во Неготино.
– Во иднина ќе следат и други проекти, а ние ќе продолжиме со поддршката која ја даваме на општината за сите проекти кои се од интерес на граѓаните, како и со реализација на сите владини проекти кои се од општо добро за целиот регион, рече Груевски.
Инвеститорот, сопственикот на компанијата ИГМ Илија Гечев најави дека во новата индустриска зона „Неготино“ ќе биде изграден современ микс на продавници со стока од Кина и Кореја. – Стоката со контејнери ќе доаѓа на Солунското пристаниште, и тука покрај патот на само 140 километри од Солун планираме да ја направиме најуспешната индустриска зоина во земјава, рече Гечев.
Тој информира дека доаѓале заинтересирани инвеститори и оти има разговори со кинески и корејски компании, но за него е битно дека ќе има нови вработувања во Неготино.
Градоначалникот Апостолов изрази задоволство за почетокот на градежните активности за изградба на индустриската зона во Неготино и за поддршката што ја добива до Владата.
Според него, интересот за инвеститори во зоната е голем па затоа веќе почнала постапката за проширување на зоната. – Во тек е изготвување на урбанистичка планска документација и пренамена на земјоделското земјиште во градежно, рече Апостолов, потсетувајќи на дел од реализираните проекти во општината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии