–Сите анкети без разлика на тоа кој ги правел покажуваат водство на ВМРО – ДПМНЕ во последните 10 години и затоа опозициските медиуми не ги објавуваат – смета универзитетскиот професор Владимир Божиновски.
Последната анкета на ИРИ покажува дека расте довербата во премиерот и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски. Ваквата анкета опозициските медиуми ја свртеа во друг правец – само 50 отсто од граѓаните сметаат дека Груевски не заслужува повторно да биде избран да ја предводи македонската влада. ВМРО-ДПМНЕ според анкетата ужива огромна и убедлива предност пред СДСМ, што води кон нова победа на оваа партија на предвремените избори закажани за април наредната година.
Божиновски вели дека дури и самите СДСМ признаваат дека ВМРО – ДПМНЕ бележи водство во сите анкети спроведени од релевантните институции. Тој посочува дека непосредно пред избори секогаш се појавуваат анкети во кои се говори за т.н. благо предизборно водство на опозицијата или на нивните кандидати. Таква на пример беше анкетата објавена во „Фокус“ пред претседателските избори во 2014-тата, која ја спроведоа „Фокус“ и „Рејтинг“ и во која се тврдеше дека кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски има благо водство пред Ѓорѓи Иванов што се покажа како апсолутно неточно. Секогаш ваквите „благи водства“ во нарачаните анкети на опозицијата паѓаат на избори.
Наспроти позитивното расположение и довербата која македонските граѓани ја даваат за премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, стои недовербата кон претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој самиот, во неколку наврати подвлече дека се спрема да биде новиот премиер на Македонија.
Во текот на вчерашниот ден ниту еден збор и бројка не се пренесени за рејтингот на претседателот на СДСМ. Според резултатите од најновата анкета на реномираниот и угледен Американски републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон,ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност пред СДСМ.
Вкупно 24 проценти од граѓаните се определиле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ двојно помалку, односно само 12 проценти.
Заев има рејтинг од само 5%, наспроти 18% на премиерот Груевски. Вкупно 35 % од граѓаните сметаат дека Никола Груевски заслужува реизбор.
Скоро тројно повеќе од граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ работи понапорно да ја добие поддршката од избирачите. Вкупно 27% сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е поактивна и работи понапорно, наспроти само 10% кои сметаат дека тоа е СДСМ.
Анкетата на Интернационалниот Републикански Институт е теренска, и е направена во периодот од 29.09 до 05.10.2015-та година на репрезентативен примерок од 1.106 испитаници. Според последната анкета на ИРИ, 35% од граѓаните веруваат дека премиерот Груевски треба да биде реизбран. Во споредба со анкетата од јуни, кога 32% од анкетираните сметаа дека Груевски заслужува да биде реизбран, во последната анкета на ИРИ, поддршка за реизбор на премиерот даваат 35% граѓани. Се намалува за 3% бројот на оние кои сметаат дека Груевски не треба да добие нов мандат.
Ваквите резултати најавуваат повторување на убедливата разлика во рејтинзите што се покажа со јунската анкета на ИРИ кога ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство од 23 отсто доверба меѓу граѓаните, наспроти опозициската СДСМ во која веруваа само 11 отсто.
Тогаш меѓу лидерите на политичките партии премиерот Груевски беше политичар кој ужива најголема доверба . Во него веруваат и го подржуваат 18 проценти , што е за 2,5 пати поголема поддршка во однос на Зоран Заев кој има доверба кај само 7 отсто од народот.
Според Божиновски анкетата точно одговара на прашањето кој ќе биде победник на априлските избори, останува само прашањето колкава ќе биде разликата.
-Повторно не е прашањето кој ќе победи, туку колкава ќе биде разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, затоа што практичнo е невозможно на онаа сериозна разлика која што е помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во изминативе 7-8 години, нешто да се смени во три до четири месеци, додава тој.
Според Проф. д-р Тања Каракамишева- Јовановска, рејтингот на секоја политичка партија без исклучок зависи од (не)квалитетот на понудата до граѓаните, како и од избраниот начин како партијата сака да стигне до власта. Таа нагласува дека погрешната проценка, погрешните партиски одлуки и погрешната стратегија на политичко делување знаат сериозно да го намалат рејтингот не само на партијата, раководството, туку несомнено и на партискиот лидер.
-Тоа му се случува на СДСМ во континуитет последниве девет години, а посебно последнава година. СДСМ никако да ја научи основната лекција во политиката дека политичкото делување секогаш треба да биде на линијата на потребите на граѓаните. Ако една партија не може да ја најде линијата на контакт со граѓаните, таа постојано ќе живее во паралелен, одделен свет од граѓанскиот без конкретни допирни точки. Тоа ќе ја зголемува партиската фрустрација, како во случајот со СДСМ, ќе се зголемуваат грешките во чекори, ќе се множат погрешните постапки, и на крај од така намножените фрустрации партијата ќе го достигне врвот-ќе почне перверзно да се додворува не на граѓаните, туку на оние партии што можат да бидат искористени за сопствените потреби и цели. Практично во тој момент ги заборавате сите граѓани и почнувате да халуцинирате дека го имате клучот на премиерската канцеларија, дека само што не сте седнале во премиерската фотелја. Тоа е последниот стадиум од политичка немоќ, во кој почнувате да се убедувате во веродостојноста на сопствените илузии и ги убедувате останатите дека само што не се случило посакуваното, иако резултатите на терен се сосема поинакви, смета Каракамишева-Јовановска.
Според неа, проблемот со СДСМ е токму во тоа што оваа партија се наоѓа во последната забегана фаза од која, како што нагласува, за жал враќање нема.
-Нема соочување со реалноста, бидејќи зависноста од замислената победа е преголема за да може да се врати во нормала, партиските апетити се поставени далеку над реалното така што од оваа партија сега можеме да очекуваме само радикални чекори, само партиски понуди што ниту еден нормален македонец не може да ги оправда. Федерализацијата и официјализирањето на албанскиот јазик се додворувачки понуди и отворен ишарет до албанците што дополнително ќе ја ослабнат и онака слабата позиција на СДСМ. Албанските партии пак од друга страна се далеку пореални и знаат да проценат што е политичка магла, а што реален партнерски однос во политиката, вели универзитетската професорка.
Божиновски коментирајќи ги бројките од истражувањето вели дека тие не се изненадување бидејќи ВМРО ДПМНЕ во изминатите седум осум години има стабилна поддршка од граѓаните и очекува истата таа бројка да се рефлектира на изборите, додека причината зошто СДСМ и покрај големтие активности годинава неуспеа да го поправи својот рејтинг ги напаоѓа во погрешната стратегија. Според Божиновски, СДСМ требаше да се одлучи за позитивна кампања нудејќи им на граѓаните платформа и решенија, а не негативна кампања против власта.
-ВМРО-ДПМНЕ веќе 7 или осум години има една многу стабилна подршка од избирачкото тело, кое што се виде и на една серија на избори, парламентарни, локални и претседателски. Бројката на овие подржувачи секогаш беше околу 450 илјади, значи 470, 480, 430 и така натаму. Што значи дека имаат една силна подршка, која што се очекува таа маса на гласачи да ја привлечат и на следните избори. Од друга страна, значи основна цел која што требаше да биде на СДСМ е да привлекува нови гласачи и со тоа да се обиде да и парира на владејачката партија. Нови гласачи се привлекуваат преку еден позитивен приод, преку позитивен маркетинг, додава Божиновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата