| четврток, 6 декември 2018 |

Светски ден за превенција од насилство врз децата

Првата детска амбасада во светот Меѓаши 14 години заедно со 240 граѓански организации од 88 земји во светот ги одбележува 19 ноември како Светски ден за превенција од насилство врз децата и 20 ноември како Светски ден на детето.

Во 1959 година Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, а на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на дете то. Од 1990 година како Универзален ден на детето се одбележува денот кога Генералното собрание на ОН ги усвои Конвенцијата за правата на децата и Декларацијата за правата на детето. Оваа година се навршуваат 25 години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето.

– Алармираме поради влошувањето на состојбата на децата, особено насилството врз нив, со цел да ги поттикнеме граѓанските организации, државните институции и другите меѓународни фактори да се активираат во изработување старатегии и програми за превенција од насилство, како и да ја поттикнеме Меѓународната заедница во нејзината заложба за елиминирање на насилството врз децата. Секоја година на овој ден се става акцент на одредена форма на злоупотреба на децата. Оваа година акцентот е ставен и на превенција од врсничко насилство, велат од „Меѓаши“.

Врсничко насилство т.н. булинг е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, кое не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот, преку интернет-мрежите, социјалните мрежи…Жртви на врсничкото насилство се подеднакво момчиња и девојчиња, без оглед на етничко или социо-економско потекло. Најчесто жртвите се чувствуваат поинакви од групата врсници, но тоа не значи дека децата треба да се потикнуваат да ги потиснуваат своите лични карактеристики со цел да се приспособат на групата врсници со што би се избегнал ризикот од булинг. Напротив, треба да се почитува индивидуалноста, која со сите свои убавини што ги носи ја менува динамиката на групата, ја прави потикнувачка средина за тие што ја сочинуваат.

Ефектите од овој вид насилство се видливи во истиот момент кога тоа се случува, но може да има и трајни последици. Најчесто жртвите имаат физички, емотивни и социјални симптоми. Тие може да се апатични, тажни, нервозни. Некои од децата социјално се изолираат, пројавуваат агресивно однесување во училиште, имаат намалена самодоверба, одбивање да се посетува училиштето. Траумите кои децата ги доживеале за време на детството, како жртви на врсничкото насилство се рефлектираат врз нивниот понатамошен психо-социјален равој. Овие деца како возрасни можат да имаат ниска самодоверба, депресивно однесување, психосоматски рекациии.

– Превенцијата е најефикасниот облик на борба против злоупотреба на децата, но бара посветени родители, граѓански организации, медиуми, државни институции на кои приоритет во работата ќе им биде примената и почитувањето на правата на децата – порачува „Меѓаши“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top