| четврток, 6 декември 2018 |

Џихадист од Сирија се крие во Македонија

isis1Германската ТВ мрежа РТЛ по терористичкиот напад во Париз емитуваше ексклузивна сторија за џихадизмот на Балканот, во која засткриен со марама и во темнина се појави еден од повратниците од боиштата во Сирија кој, како што се виде од снимките, престојува во Македонија.

Во подолгото интервју за РТЛ, како што пренесува Утрински весник, џихадистот, кој самиот се именуваше како Аднан, кажува дека обезглавувал луѓе во име на ИСИС, но сега се вратил назад и се крие во нашата држава. На прашањето зошто се вратил баш тука џихадистот, чие потекло не е јасно, изјавува дека Балканот е многу погодно место за таквите како него, бидејќи има многу корупција, сугерирајќи дека за пари се толерираат повратниците од Сирија, без оглед каква закана се за безбедноста на регионот.

„Убивме две жени и тројца мажи, при што не смеевме да ги застреламе туку моравме да ги обезглавиме со нож. Ако беше возможно, требаше тоа да го правиме јавно, за да го видат другите“, вели џихадистот во интервјуто, кое беше илустрирано со снимки од Скопје, од строгиот центар на градот и една позната туристичка агенција. Преставувајќи се себеси тој потврдува дека е роден на Блаканот, но пораснал во Германија каде живеел со семејството се до пред една година, кога заминал на четири месеци во Сирија, па се засолнил кај нас, што не го кажува туку се гледа од снимката и од деталите изнесени во разговорот.

Запрашан зошто отишол да се бори за Исламската држава тој одговора: „Зошто ми требаше посебен адреналин, а и заради пари“. „Колку“, запраша новинарката на РТЛ, на што Аднан одговара дека „надоместот“ за обичните борци е 2.000 долари, дека сепак зависи од придонесот, а специјалците добиваат до 20.000 долари!

„Има повик на интернет. Кој сака, оди. Ако умреш, ќе умреш… тие велат дека Алах рекол така да биде,“ изјавува тој. „Но, вие не верувате во тоа“, му реплицира новинарката, на што тој без двоумење одговара – „не“. Запрашан потоа колку време му било потребно да сфати дека се е поинаку од тоа што си го замислил кога и се приклучил на ИСИС, Аднан одговори дека му била доволна само една недела.

Интервјуто, според РТЛ, е снимено во септември, но делови од него се емитуваа по вторпат заради настаните во Париз. Во него џихадистот повратник објаснува, исто така, дека македонската полиција во почетокот на август упаднала во џамија во Скопје верувајќи дека таа е меѓустаница на европските џихадисти, дека бил уапсен оџата кој бил симпатизер на ИСИС, но не биле уапсени сите радикални муслимани. Според него, уапсениот оџа ги подучувал почетниците кои, како што рекол, тајната служба досега не ги открила. Тоа се илустрира со снимка на една скопска џамија на која е насликан симболот на ИСИС.

Натаму, во ексклузивното интервју на РТЛ, направено од една од најпознатите репортерки во Германија која е често на терените на Балканот и на Блискиот Исток, Аднан изнесува и други куриозитетни детали. Според него, верниците не одат во Сирија да се молат, туку заради профит.

„Бизнисот таму е многу голем. Станува збор за дрога, оружје, при што најголем е бизнисот со хероин. Него го држат „големците“, вели тој, мислејќи на врвот на ИСИС, не на војниците кои, според него, немаат поим за тоа. Тој, исто така, тврди дека водачите на ИСИС сакаат да привлечат што повеќе борци од Европа за да ја преселат војната овде, додавајќи дека има луѓе што биле во Сирија и се вратиле со добиени пари да зборуваат и да ја шират приказната за ИСИС, правејќи ја уште поголема и привлекувајќи за нив нови луѓе. Според негова оценка, повеќето што се таму немаат семејства и од нив треба да се плашат во Европа бидејќи ги има „насекаде“.

И неговата приказна, според прилогот не се разликува: сега сега се крие, но нејасно е дали ќе им се врати на џихадистите или ќе им се приклучи на криминалците, со оглед на претходното негово досие. Вчера, по ова интервју, стигна веста дека уште двајца од Македонија заминале да се борат за ИСИС во Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top