Клиниката за детски болести денеска преку кампањата „Шанса за живот“ го одбележа 17 ноември, Светскиот ден на предвремено родени бебиња. По тој повод, триесетина деца, некогашни пациенти на Клиниката за детски болести, заедно со своите родители беа специјални гости на настанот организиран во киното „Синеплекс“.
– Децата родени со компликации и предвремено родените бебиња поминуваат еден нетипичен процес на адаптација и тоа на нив може да остави извесни последици. Токму затоа и заради нашата постојана грижа за овие деца, ја поттикнавме оваа иницијатива, создавање на место и можност за дружење и каде може да бидат дел од еден интерактивен социјален концепт. Моментите за размена на искуства и доживувања се бесценети во процесот на опоравување кој може да трае со години – изјави директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова.
На Одделот за педијатриска интензивна нега и терапија се примаат деца од новороденечка возраст до адолесценција. Годишно на Одделот се хоспитализираат 350.400 пациенти, од кои 85 отсто се новородени, половината од нив се родени предвреме.
Во 2013 година просечно на месечно ниво на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката биле згрижени три до четири предвремено родени бебиња, во 2014 бројот е зголемен за 50 отсто и сега во просек има шест до седум бебиња месечно.
Во последните години постои светски тренд на пораст на бројот на предвремено родени деца кој е последица на современиот начин на живот, поместувањето на старосната граница кај мајките и тоа што е се поголем бројот на прворотки на возраст над 35 години, како и на примената на „ин витро“ оплодувањето кое често резултира со близначка бременост која сама по себе е многу ризична и голем дел од овие бебиња се предвреме родени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.