| четврток, 6 декември 2018 |

Совет за безбедност: Жица на границата само во крајна нужда од мигрантската криза

sovet bezbednostСоветот за безбедност на 14 ноември 2015 година одржа седница, која беше свикана од Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов поради безбедносната состојба поврзана со терористичките напади во Париз и предизвиците од мигрантската криза. Советот за безбедност изрази најостра осуда за терористичките напади во Париз и длабоко и искрено сочувство до граѓаните на Француската Република. Во врска со заканите од насилниот екстремизам и странските терористички борци, констатирано е дека институциите редовно преземаат мерки и информираат- се наведува во соопштението од Претседателскиот кабинет.

Безбедносните служби реферираа за сите предизвици и потенцијални закани со кои се соочува регионот, како и мерките што нашите институции, во соработка со партнерските служби ги преземаат за нивно спречување. Утврдено е дека во однос на мигрантската криза надлежните институции во Република Македонија постапуваат во согласност со Законот за управување со кризи.

Заклучено е Армијата на Република Македонија и Управувачкиот комитет да ги преземат сите потребни мерки во случај на промена на ситуацијата на теренот, во смисла на можни ограничувања на протокот на мигранти во другите држави во Европа, кон кои тие се упатуваат.

Доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, Советот за безбедност заклучи АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка да може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно. Советот за безбедност ја задолжи АРМ веднаш да ги започне сите подготовки и активности за расчистување и подготовка на теренот за евентуално и можно поставување  ограда. Советот за безбедност потенцира дека поставувањето на оградата не би било во насока на затворање на границата, туку за канализирање и ограничување на протокот, во согласност со бројот на мигранти што ќе го прифатат државите во Европа кон кои тие се упатуваат.

Сепак, ваквиот чекор, кој засега е само можност, би се преземал во крајна нужда, односно само доколку земјите кон кои се упатуваат мигрантите значително го намалат протокот и  на тој начин Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка на мигранти за која нема капацитет и можност да даде хуман третман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top