Министрите за култура на Македонија и на НР Кина Елизабета Канческа Милевска и Луо Шуганг денеска на средба во Софија се договориле во најкус можен рок да разменат нацрт-програма со конкретни содржини и активности преку кои македонската култура ќе биде претставена во НР Кина, но и кинеското творештво ќе се презентира пред македонската јавност.
Билатералната средба на Канческа-Милевска со нејзиниот кинески колега е во рамки на Форумот за културна соработка меѓу Кина и државите од централна и од источна Европа, што се одржува во Софија, Република Бугарија.
Министерството за култура соопшти дека на средбата на министрите за култура е истакната желба и волја за понатамошно продлабочување на релациите во областа на културата меѓу двете земји, кои и досега се на исклучително високо ниво, соопшти Министерството за култура.
Министерот за култура на НР Кина, Шуганг, ја истакнал отвореноста и подготвеноста да помогне за уште поголема афирмација и промоција на македонската култура во оваа земја преку присуство на проекти и гостувања на македонски уметници на значајните манифестации во НР Кина, како и присуство на наши експерти на Форумот за креативни индустрии, на Конференцијата за недвижно културно наследство која во 2017 година ќе се одржи во кинеската држава, како и други активности.
На средбата била истакната и важноста на одржувањето на Форумот за културна соработка меѓу НР Кина и државите од централна и од источна Европа во чии рамки наредниот период ќе се реализираат многубројни активности преку кои ќе се зацврсти соработката меѓу државите, меѓу кои: размена на менаџери на институции кои ќе имаат можност да се запознаат со управувањето на установите во Кина; проекти за размена на уметници од областа на музичко-сценската дејност, размена на композитори, ликовни автори; учество на уметници на летен камп за танц и многу други иницијативи.
На средбата станало збор и за идејата за формирање центар за соработка меѓу Народна Република Кина и државите од централна и од источна Европа преку кој би биле координирани сите активности за продлабочување на односите меѓу овие држави.
Министерката за култура Канческа-Милевска на средбата информирала дека кинеската култура е видливо присутна во Република Македонија преку многубројни содржини кои се реализираат во Институтот „Конфуциј“, во Кинеското катче кое е сместено во НУБ „Св. Климент Охридски“. Голем е и бројот на гостувањата кои наидоа на одличен прием кај македонската публика, како што се настапот на кинескиот Младински национален оркестар од Пекинг, изложбата на уникатни везени ракотворби од кинеската област Чианг, настапот на уметниците од Кинеската национална опера и Театарот за танцова драма и други активности.
Исто така, и македонската култура видливо е присутна со голем број активности кои се презентираат во НР Кина, меѓу кои и реализацијата на манифестацијата „Денови на македонската култура во Кина“ преку која во 2011 година кинеската културна јавност имаше можност да се запознае со репрезентативното македонско фолклорно и уметничко творештво и наследство, потоа гостувањето на Битолскиот театар во Пекинг со претставата „Хенри Шести“ и многу други содржини.
– Истакната е и отвореноста за поддршка на сите иницијативи и е изразено уверување дека пријателските односи и одличната соработка во областа на културата меѓу двете земји ќе продолжат да се засилуваат и да се продлабочуваат со уште понагласена динамика во наредниот период, се вели во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст