| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарија обвинета за груб однос кон емигрантите

Во извештај што е финансиран од британската хуманитарна организација „Оксфам“, бугарските власти се обвинети за груб однос кон емигрантите, информира „Би-Би-Си“.

мигранти

Извештајот е изработен врз основа на сведоштва на емигрантите што оделе пеш низ Бугарија за Србија и цитира мноштво тврдења за претепувања и рекет од страна на полицајци.

Извештајот го изработи Центарот за човекови права од Белград и е финансиран од „Оксфам“. Тој посебно внимание им посветува на опасностите што ги чекаат емигрантите на турско-бугарската граница и подоцна, кога се обидуваат да преминат во Србија.

Во детали се опишани барањата рекет од страна на бугарската полиција, физичкото насилство над емигрантите и напади од полициски кучиња.

Извештајот се темели на разговори со повеќе од 100 бегалци, кои во српскиот пограничен град Димитровград пристигнале од Бугарија. Тие биле спроведени во само три дена од октомври.

– Во светлината на сигнализираните злоупотреби ЕУ треба да се замеша и да преземе конкретни дејствија за да ги одбрани основните човекови права во своите граници – изјави директорот на „Оксфам“ за југоисточна Европа, Стефано Балдини.

Минатиот месец авганистански емигрант беше убиен од бугарски граничар, откако од Турција влезе во оваа земја. Властите соопштија дека тој бил убиен од рикошет при предупредувачки истрел, потсети „Би-Би-Си“.

Извештајот е коментиран и од британските дневни весници „Дејли експрес“ и „Дејли телеграф“.

„Дејли телеграф“ посочува дека интервјуата, на кои се темелат изводите од извештајот се со емигранти што во поголем дел дошле од Сирија, Ирак и од Авганистан. Во едно од интервјуата авганистански емигрант, чиешто име не се соопштува, раскажува за платен поткуп од 400 евра по апсење надвор од Софија.

Весникот „Дејли експрес“, пак, цитира конкретни случаи на насилство врз емигранти. Меѓу нив се и случајот на 15-годишен авганистански емигрант, кој тврди дека бил тепан и ограбен од полицаец или на 20-годишен авганистански градежен работник, кој го опишува своето преминување преку Бугарија како многу лошо изживување. Се зборува и за случаи на насилство, во кое биле употребени кучиња, вода или пиштоли, дополнуваат двете британски изданија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top