Земјите од регионот и од Централна и Источна Европа се соочуваат со бројни предизвици, а решенијата за справување со нив треба да се бараат во регионалната соработка и регионалните иницијативи. Младите треба да бидат будилник за таквите иницијативи, на кои треба им дадат нова смисла, но и да ги отфрлат парадигмите на старите лидерства и да создадат подобри услови за живот во своите земји.
Ова го порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на отворање на дипломатскиот форум кој во рамките на македонското претседавање со Централно европската иницијатива – ЦЕИ се одржува во Скопје.
– Свесен сум дека мојот говор не е дипломатски, но затоа е искрен. Мојот апел до вас, денес, е да бидете будилник за регионалните иницијативи. Не се вклопувајте во калапот на организациите и иницијативите, бидејќи вие не постоите за нив, туку тие постојат за вас, иако со текот на времето некои од нив ја заборавиле смислата на нивното постоење. Помогнете им одново да ја откријат причината за нивното постоење. Помогнете им да ги препознаат вашите реални потреби, потребите на младите генерации. Тоа ќе го постигнете само со помалку декларативност, а со повеќе конкретни иницијативи и предлози втемелени врз реалноста, рече Иванов.
Во регионалните иницијативи и организации, рече македонскиот претседател, внесете го вашиот идеализам и вашите перцепции, вашиот свеж поглед на новата реланост во која живееме, неоптоварен со предрасудите од минатото.
Како претседател, но и како универзитетски професор, потенцира Иванов, го слушам гласот на младите и знам дека целиот регион се соочува со одлив на мозоци. – Целосно го разбирам копнежот на младите да бараат подобар живот во странство. Но, далеку поважно и похрабро е младите да ги отфрлат парадигмите на старото лидерство и да го создадат таквиот подобар живот во своите земји, наместо да го бараат во туѓите. За да го постигнете тоа, неопходно е да бидете во организациите, но без да станете заробеници на организациската логика, рече во обраќањето на дипломатскиот форум претседателот Иванов.
Централно европската иницијатива, со која денес претседава Република Македонија, смета Иванов, е една од неколкуте автохтони европски реакции на таа вештачката поделеност на Европа со железната завеса. Уште од своите почетци во 1989 година, рече, целта на ЦЕИ, како и на Европската унија беше уривање на геополитичките и идеолошките бариерите кои го делеа Европскиот континент.
Смета дека регионалните иницијативи како ЦЕИ одиграле клучна улога во ширењето на демократијата и во повторното обединување на Европа. Бенелукс, Вишеградската група, Нордискиот совет, Балтичкиот совет, кои и денес се активни, истакна македонскиот претседател, станаа инспирација и поттик за државите од нашиот регион во 1997 година да го отпочнат Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Додаде дека и самиот Балкан бил предводник на позитивни процеси. Во 2003 година, кога овој дел од Европа се уште бил синоним за конфликти, поделби и изолација, Македонија го иницирала Форумот на дијалогот меѓу цивилизациите, кој, како што рече, станал предвесник на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.
Сепак, според претседателот Иванов, и регионалната соработка е во криза, за што, рече има многу причини.
– Првите посериозни предизвици, како глобалната економска криза и сегашната мигрантска и бегалска криза, беа тест за регионалните иницијативи. Од тој тест не беше поштедена ниту самата Европска унија која, како мировен проект, одлично функционира во време на мир, не се снаоѓа најдобро во време на криза. Иако Железната завеса што ја делеше Европа не издржа ни половина век, Европа не издржа ни 30 години без градење нови ѕидови. Физичките ѕидови што сега никнуваат низ Европа се темелат врз менталните бариери и ѕидови, а тоа се предрасудите и стравот од различноста, рече Иванов.
Докази за постоењето на кризите, додаде Иванов, меѓудругите се и фактите што спореден со своите почетоци, Процесот за соработка во ЈИЕ веќе почнал да покажува слабости со исклучок на парламентарната димензија, што Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите замрел токму кога беше најпотребен – кога Европа одново се соочува со рецидив од нејзината стара болест – ксенофобијата.
Дури и ЦЕИ, како најстара регионална иницијатива, смета Иванов, како да почнала да ја губи својата виталност и привлечност.
Причините за тоа се многу, од тоа што иницијативите не му одолејале на искушението да станат цел за себе, што се задржала формата, но се изгубила суштината на регионалната соработка, која, како што потенцира, се свела на декларативност без акција, на многу убави желби без сериозни намери за нивна имплементација.
Како пример за позитивна и успешна регионална иницијатива, македонскиот претседател го посочи процесот „Брдо Бриони“ инициран од Словенија и Хрватска. Тој, рече Иванов, овозможува декларативноста да се замени со конкретни проекти што даваат конкретни резултати, а формалноста со неформален, но искрен дијалог околу сите прашања што се важни за земјите од регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани