| четврток, 6 декември 2018 |

Истражување: Луѓето се посреќни без „Фејсбук“

Секогаш им завидувате на другите, немате никаков општествен живот и не можете да се концентрирате?

Сето тоа би можело да биде последица на користењето „Фејсбук“, предупредуваат група дански научници, тврдејќи дека лицата што поминале само една недела без оваа социјална мрежа покажале повисоко ниво на среќа.

– Го избравме „Фејсбук“, затоа што таа е социјалната мрежа што најмногу ја користат луѓето од сите возрасти – објасни, Меик Викинг, директор на Институтот за истражување на среќата, со чиешто испитување биле опфатени 1.095 лица.

Доброволците биле поделени во две групи, од кои едната продолжила да го користи „Фејсбук“ редовно, додека припадниците на другата група се воздржале од прикучлување на оваа социјална мрежа во период од седум дена.

По една недела, лицата што не користеле „Фејсбук“ рекле дека се чувстуваат позадоволни со својот живот. Од нив 88 отсто рекле дека се среќни, додека истото чувсто го делеле 81 отсто од другата група. Дека уживаат во животот рекле 84 отсто од „апстинентите“, а 75 отсто од „зависниците“ од „Фејсбук“.

Дека не се задоволни од нивниот живот изјавиле 12 отсто луѓе кои не користеле „Фејсбук“, а такво мислење имале 20 отсто од оние кои инатаму биле конектирани на социјалните мрежи.

На крајот на експериментот, „апстинентите“ изјавиле дека имаат побогат социјален живот и помалку проблеми да се концентрират, додека од „зависничкиот“ табор рекле дека не забележале такви промени.

– Место да размислуваме за тоа што ни е потребно, повеќе се занимаваме со туѓите преокупации – сметаат авторите на студијата.

Корисниците на „Фејсбукот“ имаат 39 отсто повеќе изгледи да се чувствуваат помалку среќни од лицата што не ја користат оваа социјална мрежа, истакнуваат тие.

Според некои поранешни истражувања, Данците се едни од најсреќните народи на светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top