| четврток, 6 декември 2018 |

Собраниска седница за избор на министри и заменици

Sobranie 2015 prasanja (12) (Custom)

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски за денеска ја закажа седницата за избор на министри и заменици министри согласно договореното на последната лидерска средба во Клубот на пратениците и договорот од Пржино.

Како што соопшти неговиот Кабинет на дневен ред на седницата се Предлог за избор на членови на Владата и Предлог за именување на заменици министри во Владата на Република Македонија.

Во Предлогот доставен од Владата до Собранието се наведува дека согласно договорот од 2 јуни и 15 јули и измените на Законот за Влада, за министер за внатрешни работи на предлог на опозицијата се предлага да биде избран Оливер Спасовски, а за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски. Заменици министри исто така од редот на опозицијата ќе бидат Александар Кирацовски во Министерството за информатичко општество и јавна администрација, Љупчо Николовски во Министерството за земјоделство и Кире Наумов во Министерството за финансии.

Се очекува на денешната седница да биде пополнето и министерското место во Министерството за информатичко општество и јавна администрација по неодамнешната оставка на Иво Ивановски. Владата за оваа функција ја предлага досегашната заменичка министерка во Министерството Марта Арсовска -Томовска.

Претходно Собранието во рамки на седницата треба да ги констатира оставките поднесени од актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Митко Чавков и Диме Спасов.

Собранието завчера го изгласа пакетот закони кои исто така произлегуваа од Договорот од 2 јуни/15 јули.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top