| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски: Денешниот извештај е тежок пораз за деструктивната политика на СДСМ

Кога станува збор за забелешките за корупцијата, според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, евидентно е дека нема поголем тандем за корупција во Република Македонија од двоецот Заев - Шекеринска

Македонија повторно доби извештај со препорака, кој гарантира дека оваа држава има капацитет за успешно да ја задржи препораката, но, за жал, не веруваме дека Европскиот совет во овој момент има капацитет да постигне едногласност, за оваа препорака да ја преточи во одлука за почеток на преговорите, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

– Македонија продолжува напред и покрај сите обиди на СДСМ да ја втурне во политичка криза која што ја креираа пред девет месеци господинот Зоран Заев и неговата колешка Радмила Шекеринска – рече тој.

Според него, со Извештајот стана јасно дека сите напори и реформи што ги вложи Владата предводена од коалицијата каде што ВМРО-ДПМНЕ има клучна улога, се препознаени и признаени од страна на Европската комисија.

– И тие во економијата, и тие во земјоделството, и во областа на безбедноста и владеењето на правото и во сите други сфери кои што беа дел од оценување на извештајот – рече Милошоски.

Тоа што го гледаа граѓаните во изминатата година, како што кажа, го виде и Европа и јасно забележи.

– Тоа што извештајот има препорака е најголем доказ дека капацитетот на Република Македонија е многу посилен од деструктивните политики што ги водеше СДСМ изминативе девет месеци. Целта на СДСМ да создаде политичка криза која што ќе се одрази со губење на препораката во Извештајот за Македонија не е исполнета. Тоа значи дека Извештајот со препорака за Република Македонија е пораз за политиките на СДСМ – рече Милошоски. Исходот од нивната, како што рече, деструктивност и креирање на политичка криза се одредени услови што се забележани во самиот извештај.

– Кога во извештајот ќе се прочитаат редовите каде што пишува дека бојкотот на Собранието сериозно влијаеше врз контролната функција на законодавната над извршната власт станува повеќе од јасно дека СДСМ и пред изборите 2014 година, а и по изборите веќе имал јасно скроен план за тоа како ќе настапува по изборите и која била целта на бојкотот на Собранието, а тоа е да се предизвика политичка криза која што ќе создаде внатрешна домашна политичка и економска нестабилност, а истото тоа ќе се одрази и на извештаите на меѓународните организации како и Европската унија, надевајќи се дека Заев и Шекеринска ќе успеат Македонија да ја остават без препорака во овој извештај – изјави Милошоски.

Кога станува збор за забелешките за корупцијата, според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, евидентно е дека нема поголем тандем за корупција во Република Македонија од двоецот Заев – Шекеринска.

– Денешниот извештај е тежок пораз за деструктивната политика на СДСМ и потврда за капацитетот на Република Македонија да биде, не само кандидат, туку и земја која што може да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ – смета Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ, според него, смета дека СДСМ ќе продолжи со одредена деструктивна политика и во следниот, особено предизборен, период со истиот начин на водење политика.

– Јасно порачуваме дека интересите на државата не треба да бидат заложник на чии било партиски интереси, без разлика дали имаат деструктивно однесување или краткорочна или долгорочна визија. Она што сме го договориле како политички партии треба да се почитува – рече Милошоски.

Оваа наметната криза, потенцираше тој, со цел некој да дојде на власт без избори, ќе заврши на 24 април кога мора да се одржат изборите и уште еднаш граѓаните најмеродавно ќе го дадат својот извештај за политиката во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top