Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, изјави дека Европската унија е на крстопат, алудирајќи на кризата во еврозоната и кризата со бегалците, пренесе Франс прес.
Штајнмаер повика на повеќе солидарност меѓу земјите членки.
– Кризата со еврото и кризата со бегалците, ни го насочуваат вниманието кон истата констатација, Европа е на крстопат, истакна министерот за надворешни работи на Германија на конференција во Берлин.
– Земјите членки на ЕУ треба сега да одлучат, дали да се вратат повторно кон логиката на националното размислување или да ја прифатат идејата дека Европа е еден континент, кој е солидарен, кој преговара заедно, посочи министерот.
Штајнмаер потсети дека во текот на летото, кога имаше загриженост за излегување на Грција од еврозоната, ЕУ поверува дека се соочува со најголемата егзистенцијална криза.
Но, плимата на мигранти од летото наваму и несогласувањата меѓу земјите членки за начинот на реагирање на оваа криза, се покажаа многу посериозни, отколку ризикот од излегување на Грција од еврозоната, додаде тој.
Штајнмаер, чија земја може до крајот на годината да добие еден милион молби за азил, повторно повика на поголема солидарност меѓу земјите членки од ЕУ, со цел управување на кризата со мигрантите.
– Правото на азил не е само фундаментално германско право, туку е фундаментално европско право, ако добро се сеќавам, иронизира Штајнмаер.
Не е можно само четири или пет земји да ги прифатат речиси сите бегалци, истакна тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.