| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се инвестираат 27 милиони денари во локални патишта во Македонска Каменица

Со финансиски средства обезбедени преку Агенцијата за рурален развој во износ од 27 милиони денари, ќе се градат локални патишта во Македонска Каменица. Станува збор за патни правци до Мечкарско маало во село Саса, до Ќосевско маало во село Дулица и до Стамболиско маало во село Цера.

ekonomija-patista-51-top-740x320

Градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски, истакна дека во моментов тече постапката за избор на фирмата-изведувач на градежните работи. На јавниот повик учествувале шест фирми, а изборот на најповолниот понудувач ќе биде избран за десетина дена.

­ – Со оваа инвестиција ќе се подобрат условите за живот на жителите во овие населени места. По изградбата на овие улици ќе следува изградба на уште неколку инфраструктурни проекти кои се финансирани и од буџетот на Општина Македонска Каменица и од Светската банка, средства наменети за рурален развој – рече Митевски.

Во централното градско подрачје се гради нова улица која ќе ги поврзува главната градска улица со улицата „Методи Митевски Брицо“, а ќе овозможи и полесен пристап до новата градска сала и до новото повеќенаменско игралиште и кејот на Каменичка Река.

Новата улица е со вкупна должина од околу 200 метри, со ширина на коловозот од 5,5 метри и со тротоари од двете страни со ширина од 1,5 метри. Паралелно со изградбата на улицата се работи и на атмосферска канализација и на улично осветлување. Вкупната вредност на проектот е околу 6 милиони денари, а фирма­изведувач на градежните активности е „Хит градба еуростил“ од Македонска Каменица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top