Kои се македонските граѓани што затајувале данок и штеделе на тајни сметки во даночните прибежишта, со какви санкции се соочуваат и дали државата ќе има бенефит од нивното откривање? Ова се прашањата што ја преокупираат македонската јавност по откритието на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, кој ја обелодени вистината за светската офшор-индустрија. Словенечкиот новинар Блаж Згага, кој е вклучен во истрагата, за „Дневник“ коментира дека во тајните документи има и македонски граѓани и дека, откако ќе ги објават, очекуваат реакција од надлежните институции.
– Законот за девизно работење предвидува санкции при неовластено отварање девизни сметки во странство преку одземање на изнесените средства или предметите настанати од тие средства, како, на пример, фирми или хартии од вредност. Ако намерата, пак, е даночно затајување или перење пари, според Kривичниот законик, се казнува со затвор и конфискација на имот – објаснуваат во Министерството за финансии.
Оттаму додаваат дека активностите за санкционирање би се извршиле во координација меѓу надлежните институции: Народната банка, Агенцијата за спречување перење пари, Управата за јавни приходи, Финансовата полиција и Министерството за внатрешни работи, во зависност од делото.
Од Народна банка велат дека резидентите, правни и физички лица, кои ќе отворат и имаат сметки спротивно на условите предвидени во регулативата, прават девизен прекршок опишан во Законот за девизното работење. Тие потенцираат дека за постапување по овој прекршок е надлежно Министерството за финансии и Државниот девизен инспекторат, во согласност со член 46 од Законот за девизно работење.
Експертите велат оти е јавна тајна дека Македонци имаат сметки во даночните прибежишта. Професор Мирољуб Шукаров е скептик дека овој процес ќе има законска завршница, дури и да се објават звучни имиња.
– Факт е дека голем дел од странските инвестиции во Македонија потекнува од офшор-земјите. Тоа се пари одлеани од земјава преку фиктивни трансакции за потоа да се појават овде како директни странски инвестиции. Очекувам дека ќе има одреден број Македонци со сметки во офшор-земји чии имиња ќе се објават, но тоа не мора да значи дека ќе бидат многу звучни имиња – вели Шукаров.
Тој објаснува дека звучните имиња ги чуваат парите најлегално на сметки во западните земји бидејќи така им се побезбедни.
– Да се дојде до тие имиња е многу сложено бидејќи врските се прават индиректно и тешко е да се поврзе сопственикот на сметката со вистинскиот сопственик. Бидејќи е тешко да се изведе, очекувам да има и грешки во податоците, што би било уште еден мотив повеќе да се затскријат работите – вели тој за весникот.
Поранешниот гувернер на Народна банка, Петар Гошев, тврди дека во Македонија, како и во многу други земји, не се знае колку пари лежат на сметки во даночните прибежишта и само може да се нагаѓа.
– Откако ќе се откријат имињата, државата ќе мора да поведе постапки и да испита дали тие евентуално незаконски дејства се застарени. Може да се поведе и постапка за докажување на потеклото на парите. Инаку, тие даночни прибежишта се смислени од моќниот свет за криење пари. Сите знаат дека таму има неоданочени пари и ако моќниците сакале да не постојат Белизе, Kајманските Острови или Kипар, ниту една од тие земји немаше да го има тој статус. Ако соработувале финансиските полиции меѓу државите, немало да дојде до ова – вели Гошев.
Лани угледниот британски дневен весник „Гардијан“ објави дека македонските бизнисмени имаат офшор-богатство вредно 2,2 милијарди долари депонирани на сметки во банките во земјите популарно наречени даночни прибежишта. Весникот ги добил податоците од организацијата „Такс џастис нетворк“ (Мрежа за праведно оданочување).
Најновата афера опфати богаташи од 170 земји, кои криеле пари во 10 даночни оази за да не плаќаат даноци. Ова големо истражување е спроведено од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, при што соработувале 86 репортери од 46 држави. Истрагата обелоденила околу 2,5 милиона фајла или 260 гигабајти податоци, кои ги откриваат тајните на повеќе од 120.000 луѓе, компании и групации од целиот свет.
Kако што најави словенечкиот истражувачки новинар Блаж Згага, имињата на македонските граѓани што се наоѓаат меѓу овие податоци ќе се објават во следните неколку недели. Повеќе експерти, меѓу кои и директорот на УЈП, Горан Трајковски, неодамна јавно посочија дека е можна даночна амнестија за тие што ќе ги вратат парите во земјава во краток временски период, пишува „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.