| четврток, 6 декември 2018 |

Европол: На аеродроми уапсени 130 лица со украдени или лажни кредитни картички

лисициЕвропската полициска агенција Европол денеска соопшти дека уапсила повеќе од 130 лица во меѓународна акција против криминалци кои користиле украдени или лажни кредитни картички за купување авионски билети. Како што се наведува во соопштението на агенцијата, дводневната акција е спроведена на 109 аеродроми ширум светот, а во неа учествувале околу 35 авиокомпании и 32 земји.

Идентификувани се околу 160 сомнителни трансакции, додека 133 лица се задржани во притвор, пренесоа француските медиуми. Операцијата била насочена кон криминалци кои се осомничени дека извршиле измама купувајќи авионски билети на интернет со употреба на украдени или лажни податоци од кредитни картички, додава Европол.

Интернетот го забрза ширењето на таквите кривични дела кои годишно влијаат врз милиони лица, наведува полициската агенција и истакнува дека финансиските загуби на банкарскиот сектор, авионската и туристичката индустрија, се директна последица на тоа.

Со операцијата на Европол, исто така, било откриено дека измамата со помош на кредитни картички е поврзана со други форми на сериозни кривични дела, како трговијата со дрога и со  луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top