Здружението на приватни медиуми (ЗППМ) поведува иницијатива за преиспитување на комплетното работење на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) и на здружението Македонска музичка индустрија (ММИ). Ваква одлука е донесена на вчерашниот состанок во Кавадарци, каде што е решено да биде испратено барање до УЈП, финансиска полиција и до обвинителството за да се преиспита комплетното финансиско работење, отчетноста и транспарентноста на ЗАМП и на новото здружение за заштита на авторските права на изведувачите ММИ. Паралелно со тоа ќе биде испратено и барање до Министерството за култура за да се запре работата на новото здружение ММИ сè до завршување на истрагата.
Од Здружението на приватни медиуми, каде што членуваат околу 90 медиуми, најавуваат дека паралелно со тоа ќе емитуваат унифицирани радио и ТВ-пораки на секоја македонска песна што ќе се емитува на нивната програма со која граѓаните ќе се известат за штетноста по македонската музика од начинот на плаќање на авторските права. Во втората фаза е планирано да се направи прекин на програмата во траење од пет минути, а како трет чекор најавуваат прекин со емитување на македонската музика.
Приватните медиуми бараат намалување на процентот што од електронските медиуми по основ на авторски права го собира ЗАМП и наплатата да се врши од нето средствата остварени од страна на медиумите, а не како досега од комплетниот приход на радиодифузерите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.