Две деца бегалци минатата ноќ се удавиле во Егејско Море во близина на островот Кос, јавија грчките медиуми.
Двете деца се удавиле по бродоломот што се случил минатата ноќ на 250 метри од северниот брег на Кос, соопшти локалната полиција додавајќи дека бродот испловил од Турција.
Телото на едното дете е пронајдено утрово, додека по телото на другото шесгодишно дете сѐ уште се трага.
Таткото на едно од удавентите деца, кој е меѓу 14 спасени лица од бродоломот, изјавил дека не успеал да го спаси својот син, па го оставил неговото тело за да може да им помогне на другите емигранти што се давале.
Во меѓу време, на северниот дел на островот Лезбос, кој е главен влез за емигрантите во Европа, денеска се одржуваат протести против европската политика кон бегалците, од кои е упатен апел за нејзина промена со цел да им се гарантира безбедност.
На Лезбос за денеска е најавена посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас и на претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.