| четврток, 6 декември 2018 |

Реконструирана пешачко-велосипедска патека од „Континентал“ до ЈСП

Градоначалниците на Град Скопје и на Општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски, денеска ја пуштија во употреба реконструираната велосипедска патека по должината на булеварот „Александар Македонски“, на потегот од подземниот премин кај хотелот „Континентал“ до влезот во пунктот на ЈСП во Автокоманда. Патеката е дел од  рутата 1 од проектот „Скопе Велоград 2017“.

– Во текот на изминатиов месец, пешачката и велосипедска патека по должината на булеварот „Александар Македонски“ беше целосно реконструирана на должина од 1.040 метри, беше отстранет стариот и оштетен асфалт, беа поставени нови рабници и нов асфалтен слој. Пешачката патека е широка 4 метри, а велосипедската патека 2,5 метри. Означена е и хоризонталната и вертикалната сигнализација. На реконструкцијата на патеката работеа екипите на ЈП „Улици и патишта“, а Градот Скопје за овој зафат потроши околу 8,6 милиони денари, рече градоначалникот Трајановски.

За да се овозможи непречено движење на велосипедистите, екипите на Град Скопје ја реконструираа и пешачката и велосипедска патека по должината на улицата „Беласица“, на потегот од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до кружниот тек кај хотелот „Континентал“, од страната на Скопски саем, на должина од 260 метри, а кај хотелот „Континентал“ е изградена нова велосипедска патека долга 50 метри. Со овој зафат, велосипедистите добиваат можност за непрекинато движење по должината на булеварот „Александар Македонски“ и по улицата „Беласица“ по уредена велосипедска патека.

Градоначалниците информираа дека во наредните денови ќе продолжат активностите за изградба и обнова на велосипедските патеки од рутата 1.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top