| четврток, 6 декември 2018 |

Мукоски: Tрендот на иселување од Македонија се намалува

собра

Собранието денеска ја продолжи дебатата по Информацијата за иселувањето, особено на младите луѓе предложена од опозицијата. Пратениците изнесоа различни бројки за иселени државјани на Македонија, но се согласија дека клучно прашање е како да се задржат младите луѓе и да се вратат оние што веќе заминале.

Пратеничката од НСДП Соња Мираковска посочи на бројките на иселени лица од Македонија, на оние кои зеле бугарски пасоши и праша за колку ќе се зголеми овој број имајќи ги предвид новите политики на Бугарија каде од септември, како што кажа, само со една изјава ќе може да се аплицира за нивно државјанство.

Бројките кои ги презентира владејачкото мнозинство, според Мираковска не се точни бидејќи статистика ги бележи само оние кои трајно се иселиле, но не и оние кои привремено се иселиле, а се знае дека и тие нема да се вратат да живеат во земјата.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека трендот на иселување од Македонија се намалува. Рече дека најголемите иселувања во Македонија се случиле во 60-тите години кога се заминувало на печалба во западните земји, и во 1994 година кога од земјата заминале 124.000 лица поради, како што рече, криминалната приватизација која ја спровела тогашната влада на СДСМ. Најголем број бугарски пасоши биле земени меѓу 2002 и 2008 година.

Бројките на миграција се намалуваат за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и тие на годишно ниво изнесуваат во просек околу 5.000 лица, тврдат пратениците од владејачкото мнозинство повикувајќи се на податоци на Светската банка, а тоа е резултат на исправните политики на актуелната Влада.

Мираковска реплицирајќи рече дека нејзините колеги од ВМРО-ДПМНЕ манипулираат со бројки и ги кажуваат оние од 2004 година, додека просечната бројка, според неа, на иселени на годишно ниво во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е околу 12.000, и оти заминуваат најобразованите.

Се дебатираше и за најавените априлските избори и договорот од Пржино. – Прво нешто што треба да направите бидејќи не знаете добро да ја водите државата е да си заминете. Ако тоа не го направите, во април ќе си заминете од власта. Сакаме фер избори и затоа вие не го почитувате договорот и сакате да се извлечете и да ставите виртуелни гласачи – рече Мираковска.

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека СДСМ нема да победи на изборите. – Кој ќе ве слуша кога ќе дојдат изборите и во 10 навечер кога ќе ги видите резултатите и кога ќе губите со по 10.000 разлика по општина и кога ќе изгубите со 200.000 разлика…Така ќе биде, ќе дојдат изборите во април и ќе слушаме жалопојки два, три, четири пет месеци, ќе изгубите со 200.000 гласови… Тоа ќе биде резултатот – рече Ѓорчев.

На темата, според него, опозицијата „жестоко“ не ја кажува вистината. Главна причина со децении и векови за иселување на Македонците, според Ѓорчев, се економските причини или политичките фактори односно комунистичкиот прогон.

Алим Билали од ВМРО-ДПМНЕ посочи на бројки за иселени државјани на Македонија во Италија. Според него, до 2003 година во оваа држава биле иселени 34.019 државјани на Македонија, до крајот на 2006 година 74.162, додека до 1 јануари 2015 година 77.703 лица.

– Евидентно е во кој период овие луѓе се иселиле од Македонија – рече пратеникот Билали.

Седницата ќе продолжи по едночасовната пауза за ручек.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top