Синоќа во кошаркарската Евролига беа одиграни првите шест натпревари од третото коло.
Најголемото изненадување го приреди хрватскиот тим Цедевита која славеше над фаворитот Ефес Пилсен на гостински терен во Истанбул со 81-75.
Хрватскиот состав влезе во овој меч со два порази во низа и ослабен со неиграњето на првата ѕвезда Лука Жориќ. Ефес имаше две победи во стартните две кола, но Цедевита сепак успеа да стигне до сензација во Истанбул, расипувајќи ја „забавата“ на легендарниот тренер Дуда Ивковиќ, кој вчера го прослави својот 72. роденден. Клучна беше последната четвртина, што гостите од Загреб ја добија со 17-27 и со пресврт стигнаа до голема победа. Миро Билан беше одличен со дабл-дабл од 20 поени и 10 скокови, додека Џејкоб Пулен постигна 19 поени.
Еден од фаворитите за освојување на овгодишената титула екипата на ЦСКА Москва се мачеше на домашен терен против германскиот тим Бросе Баскет, но сепак успеа да извојува тешка победа од 83-77. Гостите од Германија со одлична игра на стартот од последната четвртина успеаја дури и да стигнат до водство, но Никита Курбанов постигна пет поени во клучните моменти, ја врати самодовербата кај ЦСКА, па избраниците на Итудис на крајот сепак се радуваа на победата. Нандо де Коло одигра уште еден фантастичен меч реализирајќи 22 поени и 7 асистенции, додека Теодосиќ постигна 18 поени.
Резултати:
Каршијака – Жалгирис 66-68, ЦСКА Москва – Брозе баскет 83-77, Анадолу Ефес – Цедевита 75-81, Макаби – Сасари 79-63, Лимож – Лаборал куча 71-107.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.