| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжуваат археолошките истражувања во кочанското село Спанчево

Продолжија археолошките истражувања на археолошкиот локалитет „Свети Атанасиј“ во селото Спанчево, Кочанско, кои се предвидени со програмата на Археолошкиот музеј на Македонија.

Екипа археолози под стручно раководство на археологот Ирена Колиштркоска Настева, работи на истражувањето на броен движен материјал добиен на источната страна од локалитетот.

– Бидејќи се работи за археолошки локалитет кој потекнува од енеолитот односно 4.000 години пред нашата ера, и откриениот материја од источната страна на локалитетот е редок примерок од овој период. Откриен е броен движен материјал од глина, животински коски, камени орудија, како и глинени садови кои биле приложувани како жртвеници од страна на населението од овој крај, изјави Ирена Колиштркоска Настева, археолог во Музејот на Македонија и раководител на проектот.

Колиштркоска Настева посебно ги истакна фигурините на женски тела обликувани во глина со тетовирања по телото, уникатни предмети кои се среќаваат само на овој археолошки локалитет.

Се очекува во наредните десетина дена истражувањата да придонесат за откривање нов движен материјал кој ќе го отслика животот на ова светилиште од енеолитскиот период.

Истражувањата во село Спанчево се финансирани од Министерството за култура на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top