Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска прими делегација од амбасадорите и замениците-амбасадори на дел од земјите од групата пријатели на Република Македонија во Европската унија: Чешка, Австрија, Словачка, Шведска, Хрватска и Словенија.
На средбата било разговарано за последните случувања околу актуелната политичка криза во земјата и можностите за нејзино надминување.
Претседателот Иванов истакнал дека очекува одговорно однесување од лидерите на сите политички партии, потписници на договорот, порачувајќи дека преземените обврски мора доследно да бидат реализирани и во рамки на предвидените рокови.
– Македонија е предолго време во политичка криза и сите политички партии мора да покажат максимална одговорност и доследно да ги исполнат сите обврски од договорот. Тоа е нивна обврска, и тоа е нешто кое го очекуваат граѓаните на Република Македонија – истакнал на средбата Иванов.
Тој уште еднаш повикал на разумност и на конструктивен дијалог, како единствен успешен начин за наоѓање решение, усогласување на ставовите и надминување на предизвиците.
Соговорниците, како претставници на земјите од групата пријатели на Република Македонија, ја изразиле својата загриженост од неможноста политичките партии да постигнат согласност во однос на спроведувањето на политичкиот договор за излез од политичката криза. Се согласиле дека политичкиот дијалог и стабилизирањето на политичката клима во земјата е од суштинско значење за европската и евроатлантската иднина на Македонија. Во тој контекст заеднички апелирале до политичките партии да заземат сериозен и одговорен пристап во однос на имплементирање на договорот и да се фокусираат на евроатлантскиот пат на земјата.
Потенцирајќи дека Република Македонија има вложено огромен труд, ресурси и посветеност за имплементирање на европските реформи, претседателот Иванов порачал дека евентуалното назадување на патот на евроинтеграциите ќе претставува огромен неуспех за сите субјекти во државата и пред сè ќе влијае фрустрирачки и демотивирачки за македонските граѓани, кои во огромно мнозинство ја поддржуваат европската перспектива на земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево